„Пред три децении не можам да кажам дека имаме добра ситуација. Зелените вредности немаат доволно и пристојно ниво на разбирање. За жал, зелените вредности, ниту се познаваат, ниту се прифаќаат, а уште помалку се практикуваат од групи, односно индивидуи кои се повикани токму тоа да го прават. Гледаме дека има едно разочарувачки ниско ниво на дејствување и на зелените политички артикулации или партии во земјата кои прават сѐ освен да промовираат, практикуваат и да креираат политики кои се соодветни на зелените вредности“, изјави Џабир Дерала претседател на ЦИВИЛ, на панелот на ЗЕЛЕН Цивил на тема: „Зелени вредности, трансформација на општеството во корист на сите“.
„И на глобално ниво зелената агенда и зелените вредности се под тешка закана, заради тоа што војната во Украина ги попречи плановите, предизвика и енергетска криза, има драматично поместување на трендовите“, вели Дерала.
„Скопје и земјата минаа низ еден урбанистички масакр во изминатите деценија и пол и повеќе. Сериозен удар врз тоа што подразбира урбанизам во една земја. Го живееме политичкиот атак врз урбанистичкиот изглед на град Скопје од времето на Груевски. Доволно е да споменам дека Скопје 2014 беше не само прескап проект, туку општествено и атак врз фундаментите на едно демократско општество и едно мултикултурно, ново и модерно општество. Тоа се чувствува и денеска.
Зелената агенда е скапа играчка и бара многу релевантни, стручни и посветени луѓе да работат во неа и треба да инвестира и државата, бизнис секторот и сите останати сектори за да можеме да се приближиме кон идеалното спроведување на било која зелена агенда во духот на европската.
Секоја инвестиција во зелена агенда и урбанизмот се враќа, но на прво место мора да се има предвид дека зелените вредности и владеењето на правото се многу важни и ќе донесат многу повеќе профит за сите. Политичарите, односно луѓето што ги водат институциите, треба да знаат дека со малку повеќе труд, чесност, транспарентност да профитираат далеку повеќе и самите на лични нивоа, отколку да си занимаваат со корупција и криминал“, рече Дерала.
Дерала зборуваше и за инпактот на граѓанските здруженија кога станува збор за зелените политики.
„Граѓанските организации во последните 10 години можам да кажам дека беа двигател на позитивни промени, но и врз основа на други проекти кои ги работи ЦИВИЛ и врз основа на моето долгогодишно новинарско искуство можам да кажам поради тоа што граѓанскиот сектор е драгоцениот камен на нашето, ne само во Македонија туку и во други земји во Европа и пошироко се исто така и мета, односно простор каде радикални или помалку демократските структури се инфилтрираат и под превезот на одредени називи, односно мандати и стратегии кои ги нудат во општеството, тие впрочем работат на ширење на спротивни вредности на демократскиот развој и зелената агенда“, објасни Дерала.
„Ние се наоѓаме затекнати како цивилизација од жестокото темпо на климатските промени. Нам ни претстои еден период во кој ќе имаме назадување во тој поглед. Сметам дека сѐ повеќе технолошкиот напредок и комуникациските технологии ќе бидат злоупотребувани на сметка на човековите права и слободи и дека она што нам ни било комодитет до вчера, во блиска иднина може да се случи за голем број на граѓанките и граѓаните и на нашата земја, меѓутоа и општо во светот да биде луксуз или недостижен сон. Заради тоа треба да се консолидираат прогресивните сили и да се разбере дека деструктивните пораки и идеи за никого не носат добро, освен за мал број луѓе кои профитираат од тоа и на крајот дури и самите се губитници“; порача претседателот на ЦИВИЛ.
Б. Jордановска
камера: Дехран Муратов
монтажа: Ариан Мехмети