На денешната панел дискусија на Зелен ЦИВИЛ на тема „Отпад, регулација на отпад, состојби и решенија“, претставникот на Општина Шуто Оризари, зборуваше за еколошката свест кај граѓаните за одложување и селектирање на отпад.
„Еколошката свест на населението е на ниско ниво. На нив им е полесно да најдат некој малолетник. Кантите со отпад, да ги фрлат во кола со коњи и тоа дете ги носи некаде. Малолетник, а сопред Законот за малолетници ние не смееме да интервенираме. Треба да има старател, не можеме него да го казниме. Исто и полицијата. Има и такви случаи кои ние не можеме да ги решиме“, изјави Георги Клинчаревски, раководител на Одделение за животна средина, урбанизам и комунални дејности во Општина Шуто Оризари.
Следејќи ја панел -дискусијата може да се заклучи дека Шуто Оризари има сериозен проблем со отпадот и дека меѓу многуте решенија е потребна и постојана едукација на населението.
Редакцијата на Зелен ЦИВИЛ веќе се обрати и до Министерството за труд и социјална политика со прашањето дали се запознаени со ситуацијата, на вакво искорисутвање или „ангажирање“ на малолетници во Шуто Оризари и дали преземаат нешто во врска со тоа. Се очекува одговор во најбрз можен рок.
Б. Јордановска