“Не може генерално да се каже дали има или нема урбана култура, бидејќи некои негативни вредности може да претставуваат урбана култура. Под урбана култура можеме да подразбереме сите вредности, позитивни или негативни кои се негуваат во некое урбано општество. Најчесто, тоа подразбира населба од типот на град. Во однос на зелените вредности како се негуваат во нашето општество, сметам дека се многу загрозени и потценети. Мислам дека не се разбира многу што тоа значи зелени вредности и некој тип на зелена култура“, вели Ива Петрунова, магистер, инженер архитект, урбан социолог, доктор на општествени науки, на панел дискусијата на ЗЕЛЕН ЦИВИЛ на тема „Зелени вредности, трансформација на општеството во корист на сите“.
„Кај нас зеленилото најобично се поврзува веднаш со екологија. Не дека не е така. Отворете обичен учебник од основно одделение ќе видите дека таму пишува дека зеленилото го прочистува воздухот и благопријатно делува, меѓутоа не е само тука улогата на зеленилото бидејќи природата создава еден сплет на многу покомплексни вредности од тоа. Влијае на тоа како раснат децата што се во природа во однос на оние што живеат во урбана средина. Позитивно влијае и на многу модерни психички болести од типот на депресија анксиозност“, објасни Петрунова.
Зеленилото практично не учи на еден природен процес на живот, наспроти ова наше постмодерно и општество на конзумеризмот, каде учиме дека сѐ може да добиеме многу брзо и цело време сме во некоја трка, додека оние општества кои се повеќе изложени на природата ја имаат таа смиреност, бидејќи на некое потсвесно ниво црпат од природата, какви се животните процеси. Природата има многу широк опсег на вредности од кои ние треба да учиме и кои се всушност многу природни за нас. Треба само да ги воочиме, а тоа треба да ни биде дозволено од нашето опкружување кое е загрозено во моменталната ситуација.
„Природата на самата природа е демократска. Ние сметаме дека демократијата и сите овие вредности за кои зборуваме тргнуваат од општеството и од човекот. Меѓутоа ако земеме да ја анализираме природата ќе видиме дека целата разноликост всушност потекнува од природата. Ние имаме цели синџири на исхрана, каде ако тргнете само едно суштество од тој синџир на исхрана целтата природа се пореметува. Во таа смисла природата нас не учи дека сите заедно формираме една целина и така сме подобро општество“, заклучи Петрунова.
Б. Јордановска
камера: Дехран Муратов
монтажа: Ариан Мехмети