ВЕЛИН СТОЈАНОВСКИ/ Центар за за антитероризам и мир Гардиан, Куманово
Веќе ми постана пракса секое утро да ги прегледувам порталите и електронските медиуми. Прескокнувајќи ги здодевните наслови за бројните кризи, поскапувања, криминал, корупција и воени анализи вниманието ми го привлече најавата за панел дискусијата во организација на Зелен Цивил.
Темата интересна и секогаш актуелна „Зелени вредности, трансформација на општеството во корист на сите“. Поволно е што настанот се пренесува во живо. Веднаш си ги прилагодив дневните активности кон овој настан.
Додека панелистите ги изнесуваа своите стручни и компетентни согледувања си го поставив прашањето: Колку надлежните институции ми овозможуваат услови да можам да уживам во зелените вредности?
Загаденоста на воздухот посебно за време на грејната сезона, (не)квалитетот на водата за пиење, урбаниот масакар на градовите, сообраќајниот метеж, неконтролираното уништување на шумското богатство, контаминирана еколошка средина, економската и социјалната благосостојба наметнуваат негативен одговор. Односно ми обезбедуваат многу малку или скоро ништо.
Сепак, додека постојат вакви иницијативи и отворени дискусии за зелените вредности ми дава вистинска надеж дека можеби надлежните во институциите и политичарите нема да чекаат некој од Брисел или друг центар во ЕУ да им кажува што треба да направат. Доволно е само да ја погледнат панел дискусијата на Зелениот Цивил и верувам дека ќе ги искористат внатрешните потенцијали за креирање на политики со кои зелените вредности ќе ги подигнат на многу повисоко рамниште од минималното задоволување на елементарните потреби.
Секако и ние граѓанките и граѓаните треба да си го најдеме нашето место во зелените иницијативи. Колку малку треба да направиме, а да добиеме многу.
Како поддршка на зелените активности на Зелениот Цивил во оваа прилика сакам да споделам едно лично искуство. Еден ден пред повеќе од 12 години поштарот ми донесе 5 сметки за мобилните телефони и сметка за електричната енергија. Како ги отворав сметките избројав дека вкупно 23 листа хартија секој месец добивам во вид на сметки.
Гледајќи во тој куп од хартија, донесов одлука да ја променам состојбата. Истиот ден на веб-страните на Телеком и ЕВН се регистрирав за добивање на електронски сметки, а во мојата банка потпишав траен налог за плаќање на истите.
Бенефитот од оваа зелена активност за овие 12 години е заштедени повеќе од 3000 листа хартија и не знам колку штетни материјали за печатење на истите. Повеќе од 3000 листа хартија не се непотребно фрлени во ѓубре, со што индиректно давам мал, но вреден придонес во заштита на природата.
Да претпоставиме колку хартија ќе се заштеди и колку помалку ѓубре би било фрлено ако само половина од домаќинствата на локално, регионално и глобално рамниште прифатат сметките да им стигаат само електронски. Верувам доволно за да се направи вистински чекор кон зачувување на животната средина.
На Зелениот Цивил и на панелистите им благодарам за зелените иницијативи и убавите нешта што ги слушна. Верувам дека зелената иницијатива нема да застане на панел дискусијата.
На вредниот тим од Зелениот Цивил би им препорачал заклучоците од панелот, во вид на кратко видео, да бидат доставени до надлежните институции. Како би можеле секојдневно да се потсетуваат што треба да направат и како да ги креираат зелените политики. Истото видео да се постави на повеќе интернет портали и сподели со медиумите како би можеле и ние граѓаните да го пронајдеме нашето место во зелените иницијативи.
Доволно е само малку повеќе внимание да посветиме на зелените иницијативи и светот ќе биде многу поубаво место за живеење.