„Зелените вредности се општо прифатливи, до еден момент до кој не стане збор за инвестиции. Релативно лесно можеме да ги трансформираме во правна норма, но многу потешко е да ги имплементираме во нашето општество без да формираме еден комплексен сет на активности. Има некаков тренд на соодветно адресирање на овие предизвици, но само на хартија. Не сум најзадоволен како ги практикуваме зелените вредности во нашето општество“, изјави Тони Поповски архитект, политиколог, независен консултант, колумнист, екологист, на панел дискусијата на Зелен ЦИВИЛ на тема „Зелени вредности, трансформација на општеството во корист на сите“
„Зелениот урбанизам е специфичен предизвик, особено во Македонија и нејзините градови каде сме сведоци секој ден на предизвици што се опфаќаат во јавноста. Како што е, на пример, локацијата на поранешната локација на фабриката „Треска“. И во овој случај и во другите случаи и маме конфликт меѓу јавното и приватното. Не толку ефективно се справуваме со притисоци кои доаѓаат поради нагласени приватни интереси. Во овој контекст ни самите општините нема да можат да се справат ефикасно ако не се создаде соодветна регулатива, но најмногу ќе речам и политика врз основа на која би се презеле одредени мерки, а тоа се однесува најмногу на самите урбанистички планови. Треба да се унапредуваат урбанистичките стандарди, не само да се хармонизираме со стандардите на ЕУ, туку и да го оплемениме нашиот простор, да биде хуман и здрав за живеење и на тој начин да ги издржиме сите овие предизвици“, вели Поповски.
Доаѓа време кога треба навистина да размислиме кому му даваме поддршка и да побараме поддршка од оние субјекти, политички партии и граѓански организации кога кандидираме лица кои треба да подготвуваат и спроведуваат политики и закони, навистина треба да инсистираме на компетентност. Неопходни се компетентни луѓе, да се размисли кому даваме поддршка и да се побара одговорност од субјекти, политички партии, граѓански организации, да се инсистира на компетентност.
„Дефинитивно, со овие нови индустриски и технолошки револуции, токму помладите генерации полесно можат да излезат на крај со дел од предизвиците поврзани со информации, анализа на податоци, употреба на современи технологии… Во тој контекст искуството е битно, компетентноста, исто така, но најмногу верувам во енергијата на помладите меѓу нас. Зелените вредности, екологијата се евергрин тема.
Да имавме поголема свест во Европа, не само во Македонија, за потребата навреме да инвестираме во обновливи извори на енергија ќе бевме далеку понезависни на вакви енергетски шокови. Со овие инвестиции многу се тактизираше и кај нас. Беа минимални, можеби во последните три до четири години има одреден интензитет. Но, и Европа тешко транзитираше од политики на хартија до конкретни инвестиции во овој сектор. Затоа вакви геополитички шокови предизвикуваат вакви сериозни последици.
Во овој момент јас лично би ги насочил поголем дел од капиталните инвестиции токму во обновливите извори на енергија бидејќи е вин-вин инвестиција и може само да не направи понезависни, а притоа ќе отвори интересни пазарни сегменти, нови зелени работни места, секако со нулта толеранција за корупција и целосно владеење на правото“; заклучи Поповски.
Б. Јордановска
камера: Дехран Муратов
монтажа: Ариан Мехмети