Девет милијарди евра е тежок економскиот инвестициски план за зелената транзиција на Западен Балкан. Македонија е дел од Зелената агенда за Западен Балкан, долгорочното зелено социо-економско сценарио кое треба на регионот да му обезбеди одржлива иднина. Вистински зелени политики, кои се следени од одржливи решенија во сите пет столбови на Зелената агенда се неопходни за земјава да добие реална финансиска помош и да си обезбеди одржлива иднина.
Граѓанските организации во земјава се единствени во ставот дека Зелената агенда е нашата реалност и иднина. Јасно е дека секое ретерирање од зацртаните цели не само што нè одалечува од овие фондови за зелен развој, туку и од можноста да ја реализираме посакуваната транзиција.
„Во моментов ја немаме можноста и луксузот да се прашуваме дали Зелената агенда за Западен Балкан е изводлива или прифатлива за нас, туку мора да почнеме да планираме и делуваме. Секој граѓанин треба да ја разгледа Зелената агенда за Западен Балкан, затоа што така ќе ни стане јасно што носи иднината“, смета Невена Смилевска од „Еко свест“.
Европската Унија, чија основа лежи во договорот за јаглен и челик, сега го прифаќа Зелениот договор, а што значи дека земјите се подготвени за енормни промени кои ќе доведат до одржливо живеење. Како земја која е сериозно засегната од климатските промени и нивното влијание, јасно е дека Македонија промената не може да ја направи сама. Регионалната соработка преку Зелената агенда, по примерот на соработката на земјите од Унијата со Зелениот договор, е вистинската насока за користење на европските фондови кои се на располагање за одржлив развој на регионот.
„Главното прашање е како ќе почнеме и со што, а знаеме дека мораме да работиме во сите пет столбови на Зелената агенда. И, ако мислиме дека сме почнале нешто и знаеме во кој правец се движиме на полето на декарбонизацијата, во циркуларната економија, на пример, немаме ниту зачеток. Промената ќе биде огромна, но одвоени се големи финансии за регионот, па доколку паметно планираме и ги одредиме приоритетите можеме да имплементираме многу решенија“, вели Смилевска.
Граѓанскиот сектор апелира земјата да подготви Национален план за спроведување на Зелена агенда кој ќе биде патоказ и ќе мора да се имплементира во домашната регулатива. Јасно е дека документот ќе го допира секој аспект на животот на граѓаните и функционирањето на општеството и ќе ја трасира иднината, од производство на храна, транспортот, биодиверзитетот, до заштитата на водата, воздухот и почвата. Екологистите сметаат дека треба да се воспостават и јасни рокови и активности, со оглед на тоа дека Акциониот план, усвоен на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Брно во октомври 2021 година, во голем дел се однесува на активности до 2030 година, што е многу блиску.
„Под изговорот со енергетската криза се протнуваат и некои идеи како најавата за нов рудник за јаглен. Тоа е само еден пример колку лесно можеме да се оддалечиме од зацртаната насока и од зелената транзиција“, посочува Смилевска.
Зелената агенда има пет столбови, декарбонизација, циркуларна економија, отстранување на загадувањето, одржливи системи за храна и рурални области и биодиверзитет кои на земјите им нудат можности за отворање на нови работни места кои се квалитетни, во склад со природата и кои ќе овозможат развој во нови насоки. Декарбонизацијата значи премин кон енергија која не е добиена од фосилно гориво во индустријата, енергетскиот и транспортниот сектор. Отстранувањето на загадувањето подразбира обновување на сите медиуми – воздух, вода и почва, а циркуларната економија значи рециклирање на сите ресурси кои можат да се задржат во економијата колку што е можно подолго наместо да се остават на депонија каде ќе станат отпад, а истовремено да се ископуваат нови. Одржливите системи за храна и одржливите рурални области подразбираат нови пристапи кон производството на храна и негување на руралните области, а биодиверзитетот и заштитата на екосистемите подразбираат обновување на природата.
Во Министерството за животна средина велат дека земјава сериозно пристапува кон Зелената агенда, а подготовката на зајакнатиот Национален придонес кон Договорот од Париз, Третиот двогодишен извештај за климатски промени и Долгорочната стратегија за климатска акција и акционен план, донесени минатата година, се доказ за тоа. Посочуваат дека со усвојувањето на овие документи, земјата постави среднорочни и долгорочни цели за намалување на емисиите на стакленички гасови и прилагодување на најранливите сектори.
„Долгорочната визија е до 2050 година да бидеме просперитетна економија со ниска содржина на јаглерод, која следи одржливи и климатски отпорни патеки за развој, ја подобрува конкурентноста и промовира социјална кохезија преку акција за борба против климатските промени и нејзините влијанија, велат од Министерството.
Посочуваат дека Македонија е во првите земји во регионот што ги презема и првите опипливи чекори и конкретни активности за одговор на климатската криза. Едно од нив е и воведувањето на прекуграничниот данок на јаглерод, со цел да се забрза декарбонизацијата, но и да се избегне плаќањето на данокот на јаглерод за увоз што Европската Унија планира да го воведе од 2026 година.
„Северна Македонија ги диверзифицира своите извори на снабдување, инвестира во обновлива енергија, се подготвува да изгради една од најголемите хидроцентрали во регионот – Чебрен и создава услови приватните компании да инвестираат во зелена енергија. Според новиот Закон за Климатски промени што се подготвува, Северна Македонија има намера да воведе цена на јаглеродот, првично како преодно решение, а потоа да го усогласи со правилата на ЕУ ЕТС до 2030 година“, информираат од Министерството./МЕТА/