Најголемиот проблем со кој граѓаните ќе соочат оваа зима, настрана како ќе се издржи ценовниот шок со прехранбените продукти, е како ќе се истера грејната сезона, дали ќе има парно, струја, ќе одат ли децата на училиште, ќе има ли работа во фабриките…
Премиерот Димитар Ковачевски, на вчерашната прес-конференција по економскиот-енергетскиот совет информираше за донесените одлуки, кои гарантираат сигурно, стабилно снабдување со енергенси во наредниот период.
Во овој прв сет на одлуки, како што информираше Ковачевски, парно ќе има, со почетокот на грејната сезона на 15 октомври. И тоа за скопјани е загарантирано.
„Донесена е одлука за почнување на постапката за издавање на лиценца за производство на топлинска енергија од регулиран пазар согласно член 6 од Законот за енергетика на ЕСМ. Ги повикувам Град Скопје, Регулаторна комисија за енергетика и Комисијата за заштита на конкурентност во најбрзо време да дадат позитивно мислење, со што ќе се створат условите за целосно функционирање на ЕСМ со топланите“, изјави Ковачевски.
Во однос на основните и средните училишта Ковачевски вети дека греењето нема да биде проблем, иако се под надлежност на општините, сепак Владата гарантира дека ќе бидат обезбедени низ целата територија на државата. Истото важи и за здравствените установи кои ќе ги обезбеди ЕСМ преку продажба по поволна цена на електрична енергија од берзанската. Над 70 илјади компании и други правни субјекти (до 2 милиони евра годишен промет) ќе добијат субвенционира електрична енергија која е три пати пониска од берзанската.
Што се однесува до домаќинствата, Ковачевски изјави дека: „80 % ја субвенционираме сметката за електрична енергија за 650 илјади домаќинства“.
Владата одлучи, на ред се другите одлучувачки фактори за снабдување со енергија, а крајната одлука ќе се донесе во Собрание. Иако премиерот најави седница пред седницата за пратенички прашања, токму за гласање на Законот со кој се обезбедуваат финансиски средства од ЕБРД, пари одобрени од ЕБРД за справување со енергетска криза на Република Северна Македонија по исклучителна каматна стапка, измените во Законот за енергетика и Законот за нафта и нафтени деривати и усвојување на кризна состојба, седницата воопшто не беше закажана.
Но, она што остава простор за размислување, но и објаснување е како ќе се субвенционираат сметките, како граѓаните ќе знаат дека 80% од сметката за електрична енергија ги субвенционирала државата, дали тоа значи дека ќе плаќаат по пониска цена сметки или моменталната нема да се менува. И што значи пет пати намалување на трошоците на граѓаните, како што изјави премиерот одговарајќи на пратенички прашања во Собранието.
Овие прашања стигнаа на адресата на ЦИВИЛ од многу граѓани. Затоа, во насока на подобро информирање на граѓаните во однос на најавата на Владата за „80% субвенционирање на сметката за електрична енергија на 650,000 домаќинства“, ЦИВИЛ Медиа побара одговор на прашањето:
„На кој начин ќе се субвенционираат сметките и како граѓаните ќе знаат дека износот на сметката е реален?“
Одговорот го побаравме од Влада, Регулаторната комисија за енергетика, Министерството за финансии и Министерството за економија.
Во моментот доколку граѓаните сакаат да пресметаат и споредат колку треба и дали толкав е износот на сметката за струја што им стигнала во поштенско сандаче, РКЕ нуди калкулатор за пресметка на потрошувачката на електрична енергија.
Со одлуките од 1 јули 2022 цената за Домаќинства со двотарифно мерење (висока тарифа ВТ1) изнесува 4,3484 ден/kWh, за потрошена електрична енергија до 210 kWh, Домаќинства со двотарифно мерење (висока тарифа ВТ20 изнесува 4,7017 ден/kWh за потрошена струја од 211 до 630 kWh, Домаќинства двотарифно мерење (висока тарифа ВТ3) изнесува 5,2877 ден/kWh за потрошена струја од 630 до 1050 kWh, над потрошени 1050 kWh во домаќинствата се плаќа двотарифно мерење (висока тарифа ВТ4) со цена од 14,1025 ден/ kWh. Ниската тарифа изнесува 0,6193 ден/kWh.
За малите потрошувачи (потрошувачи на електрична енергија, чиј просечен број на вработени во последните две пресметковни години е помалку од 50 вработени и има вкупен годишен приход помал од 2 милиони евра во денарска противвредност, со исклучок на производителот на електрична енергија и операторот на системот за пренос и системот за дистрибуција на електрична енергија), високата тарифа изнесува 13,8204 ден/kWh, а ниската тарифа 10,1348 ден/kWh.
ЦИВИЛ Медиа до објавување на текстот доби одговор од Министерство за финансии, од каде порачаа одговорот да го бараме од Влада. Прашањето за начинот на субвенционирање на сметките за електрична енергија е упатено и до Влада, од каде, како и од РКЕ и Министерство за економија сè уште немаме одговор.
Б. Јордановска