Во Македонија во моментов има само две регионални депонии што се во функција во Скопскиот и Полошкиот плански регион – „Дрисла“ и „Русино“, но единствено скопската депонија има А-интегрирана еколошка дозвола од Министерството за животна средина и просторно планирање, иако и кај неа е неопходно да се инвестира во постројки за секундарна селекција и натамошен третман на собраниот отпад.
Воспоставувањето на регионалните системи за управување со отпад е важен услов за идно зачленување на Македонија во Европската Унија нотиран како барање и во најновиот Извештај на Европската комисија за реформскиот напредок на земјава во 2022 година, но реализацијата на регионалните депонии се одложува повеќе од една и пол деценија во земјава. Македонската влада во мај лани ја достави апликацијата за кредит до Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), со која пет плански региони во земјава би добиле современи регионални депонии, на кои ќе се одлага отпадот.
Европската банка за обнова и развој пролетва ѝ даде 73 поени на владината апликација за кредитот за изградба на регионалните депонии по стандарди на ЕУ и овој проект го оквалификува со термините „добро управуван“ и „инклузивен“, по што Владата на 20 мај годинава го доставила до Собранието Предлог-законот за задолжување на земјава со заем кај ЕБОР за финансирање на регионалниот проект за цврст отпад. Во Собранието на РСМ ова задолжување се наоѓа во второ читање кај пратениците, а по неговото финално усвојување ќе треба да се потпише договорот за заем со ЕБОР и распишувањето на меѓународен тендер за избор на изведувачи што ќе ги градат современите депонии.
Сепак, во изминативе години во неколку наврати имаше негодување кај дел од општините каде требаше да се градат регионалните депонии. Општина Дебарца успеа во 2019 година преку второстепената владина комисија да го поништи решението за изведба на регионална депонија за Југозападниот плански регион во атарот на селото Годивје, а Општина Свети Николе во моментов се противи на изградбата на регионалната депонија за Источниот и Североисточниот плански регион во близина на овчеполското село Мечкуевци, поради што е одложено распишувањето на меѓународниот тендер кој е вреден околу 40 милиони евра.
Во најновиот обид за изградба на регионалните депонии, од ЕБОР земјава ќе позајми 55,3 милиони евра, со кои треба да се изградат новата регионална депонија „Русино“ за Полошкиот регион, регионалната депонија на дел од површината на досегашниот рудник за јаглен „Суводол“ во Новаци за Пелагонискиот и Југозападниот регион и нова регионална депонија во Општина Василево за Југоисточниот и Вардарскиот плански регион. За да утврдиме какво е размислувањето на локално ниво во однос на имплементацијата на овие значајни проекти за регионално управување со отпадот, Мета.мк и Порталб.мк испратија прашања до Општините Гостивар, Новаци и Василево каде што треба да бидат лоцирани овие современи регионални депонии.
Од Општина Гостивар за Порталб.мк велат декa постојната депонија „Русино“ во состојбата каква што е во моментов преставува еден од најголемите загадувачи на животната средина и природата во територијата на Општина Гостивар.
Локалните власти велат дека со своите капацитети презеле низа мерки и активности, но проблемот со регионалната депонија ги надминува нивните можности. Од Општина Гостивар велат дека владата веќе обезбедила неповратни средства преку швајцарската влада за претворање на „Русино“ од дива во стандардна депонија, проект којшто е во фаза на реализација.
Во однос на дополнителните средства што ќе бидат обезбедени преку кредитот од ЕБОР за идната регионална депонија, тие велат дека немаат доволно информации.
„За заемот од Европска банка за обнова и развој знае само владата, општините и ЈП „Русино“ не се информирани, динамиката не зависи од нас, да се надеваме дека постапките ќе течат брзо и да отпочнат изведбените работи на терен“, велат од Општина Гостивар, дополнувајќи дека ЈП „Русино“ менаџира во моментов со регионалната депонија, но има тешкотии со исплатата од страна на општините и тоа влијае врз рентабилноста на регионалното претпријатие.
Во однос на реализацијата на идната регионална депонија „Русино“ за Полошкиот плански регион, од Општина Гостивар велат дека се загрижени во однос на постапката за реализација и понатамошните последици што ќе ги трпи нивната општина од депонијата.
„При презентацијата на проектот беа спомнати неколку негативни последици за околината околу „Русино“, кои се во врска со лошиот мирис кој ќе се шири и после затварањето на депонијата, метежот во сообраќај, оштетување на улици и експропријацијата на земјиштето за проширување на телото на депонијата што ќе биде на товар на Општина Гостивар“, се жалат од оваа општина.
Локалните власти се надеваат дека „Русино“ ќе постане санитарна депонија по сите стандарди, но и дека ќе се користи само во период од пет години, по што ќе се затвори со сите прописи. На тој начин, негативните реакции кои во минатите години ги имаше кај јавноста на регионалната депонија би биле поумерени.
Од Општина Новаци пак во изјава за Мета.мк велат дека темата за изградба на регионалната депонија во нивната општина се говори од 2004 година, но до денешен ден не е ништо конкретно преземено. На нивна територија треба да се гради регионалната депонија која што ќе го опслужува Пелагонискиот и Југозападниот плански регион.
Градоначалникот на Општина Новаци, Стевче Стевановски за Мета.мк појаснува дека во јули 2017 година жителите од оваа локална самоуправа биле прашани на јавна расправа и дале зелено светло за изградба на регионалната депонија.
„Точно е тоа дека Општина Новаци се јавува како општина, на чија што територија планирано е да се изгради регионалната депонија, која во суштина би требало да биде фабрика која што ќе го селектира и рециклира целокупниот отпад од кој органскиот отпад ќе биде подложен на процес на анаеробна ферментација, од што би се добил биогас кој би се користел за производство на електрична енергија. Другиот отпад ќе се селектира на посебен начин, ќе се пренасочува на финална рециклажа онаму каде што е наменет“, вели градоначалникот Стевановски.
Тој додава дека на 17 март годинава добиен е допис од Министерството за животна средина и просторно планирање, во кој од општините во Југозападниот и Пелагонискиот регион се бара да номинираат лица, кои заедно со Министерството ќе работат на подготовка на документацијата и формирање на заедничко јавно претпријатие за управување со регионалната депонија.
Стевче Стевановски посочува дека во овие 11 месеци од кога е градоначалник на Општина Новаци направени се средби со претставници на МЖСПП во неколку наврати, при што била организирана и студиска посета на санитарната депонија EPADYM S.A., Еордеа, Грција, во близина на Птолемаида и Кожани со претставници од Општина Новаци, жители и советници.
„Целта на посетата беше да се запознаат граѓаните на oпштините Новаци и Битола со функционирањето на еден ефикасен систем за регионално управување со отпад како и да им се даде можност за разговор на оваа тема со експерти од областа на менаџирањето со отпадот и рециклажа“, објаснува градоначалникот Стевановски.
Според она што е замислено, регионалната фабрика за рециклирање на отпадот треба да ги задоволува сите ЕУ регулативи за модерна депонија, а загадувањето ќе биде сведено на минимум, за разлика од она што во моментов се случува со депонијата „Мегленци“. Имено, таа не задоволува никакви стандарди и услови, екстремно ја загадува животната средина во Пелагонискиот регион и во изминатиов период имаше бројни фотографии од снимки како животни се прехрануваат на оваа депонија.
Градоначалникот дополнува дека регионалната депонија која се планира да се изгради ќе биде можност и за нови вработувања на локалното население, а регионалниот систем за управување со отпад е еден од главните критериуми на ЕУ агендата во земјата, чија реализација е невозможна без широка поддршка од граѓаните.
Во однос на забелешките, градоначалникот на Новаци посочува дека им предочил на претставниците на Министерството дека првично не било планирано депонијата во Општина Новаци да го опфати и Југозападниот регион и дека тоа веќе било одлучено, без тие да бидат прашани или консултирани.
„Главно мојата забелешка беше тоа што предвидените средства за оваа депонија не би биле доволни бидејќи во овој случај станува збор за депонија која што ќе го опфати Југозападниот и Пелагонискиот плански регион, а во тој случај ќе се зголеми фреквенцијата на сообраќај. Наше главно барање како локална самоуправа од кое нема да отстапиме е да се изгради нова сообраќајна делница која што од клучката кај Крклино на влезот во Битола ќе води директно до новата регионална депонија“, изјави градоначалникот на Новаци, Стевче Стефановски.
Тој додава дека идната новачка депонија ќе го опфати и одлагањето на комуналниот отпад од Југозападниот плански регион, поради фактот што во општина Дебарца каде што претходно требаше да се гради депонијата, постапката не е стопирана само поради реакциите на жителите, туку поради барањето на УНЕСКО под чија заштита е Охрид, заедно со регионот поради Охридското езеро.
„Ставот на мнозинството жители на Општина Новаци е дека доколку се исполнат овие наши барања и се запазат сите регулативи што ги налага европското законодавство за одлагање и третман со отпадот, при што истото не причинува загрозување на животната средина, согласни се депонијата да се изгради на наша територија“, појаснува градоначалникот.
Мета.мк побара одговори и од Општина Василево, каде што треба да се гради идната регионална депонија за Југоисточниот и Вардарскиот плански регион. Градоначалникот на Василево, Славе Андонов за Мета.мк вели дека Општина Василево е согласна за изградба на современа регионална депонија на нивна територија, но и дека соработката со државната власт е многу спора.
Од Општина Василево појаснуваат дека нивен главен предуслов за реализацијата на проектот е да нема загадување на животната средина, а депонијата да биде изградена по најсовремени еколошки стандарди.
„Времето на отпочнување на сите активности зависи од брзината на носење на одлуките во Собранието на РСМ а потоа и умешноста на Министерството за животна средина и просторно планирање за распишување на тендер“, вели градоначалникот на Василево, Славе Андонов.
Како локална самоуправа, тие се спремни преку различни форми на организирање на јавни трибини со граѓаните од околните населени места да ги надминат евентуалните негативни реакции што би се појавиле поради изведбата на регионалната депонија.
извор: МЕТА