Зелен ЦИВИЛ (организациска единица на ЦИВИЛ) организираше панел дискусија на тема „Еколошки криминал – предизвик за македонското законодавство“, учесници на панелот беа Никола Јовановски, проект менаџер од Центар за правно истражување и анализи и Дарко Блинков, Раководител за аналитика, меѓународна соработка и проекти во животната средина, Сектор за координација на работата на ДИЖС.
-Еколошки криминал претставува незаконито дејствие или чин кој штети на животната средина и предизвикува некои последици, кои последици на некој начин можат да бидат санирани или поправливи, но можат да бидат и непоправливи и тогаш станува збор за посериозни дела во животната средина. Од оние дејства кои ги кажав, како нарушување на животната средина, најчесто споменувани се загадувањето на животната средина, како воздухот, почвата, водата, деградација на живиот свет, намалување на биодиверзитетот, нарушување на еколошката рамнотежа, вели Јовановски, проект менаџер од Центар за правно истражување и анализи и додава дека како последица на еколошкиот криминал, се појавуваат болести, еколошки катастрофи.
-Како пример би ја спомнал поплавата што се случи пред некоја година во Скопје, токму заради тоа што голем дел од шумите беа сечени и се овозможи слевање на водата на обиколницата околу Град Скопје. Сведоци сме на неповратни климатски промени коишто се повеќе заземаат тема на светските форуми. Намален е животниот век на луѓето. Во Скопје знаеме дека имаме големи проблеми со загадувањето на воздухот и проблемите кои се јавуваат како последица, истакна Јовановски.
-Во однос на еколошкиот криминал, во Република Северна Македонија, може да кажеме да од механизмите кои ги имаме и од она што е споменато од Извештајот на ЕК од 2020 година, се уште имаме застарен механизам, што значи дека ние имаме механизам кој што на почетокот во самата истрага, во делот на комуникација со инспекциските служби и со МВР нема доволна координација. На тој начин каскаме зад она што се случува во Европа. Но од друга страна имавме одредби кои бараа надополнување, бидејќи генерално политиката на казнување беше блага. Најголемиот дел од делата коишто се однесуваа на загрозување на животната средина завршуваа на прекршоци, смета Јовановски.
Б. Јордановска
подготви: Д. Варошлија
камера: Дехран Муратов
монтажа: Ариан Мехмети