ЏАБИР ДЕРАЛА
Пример за тоа како функционира руската пропаганда е веста дека „руската армија уништила баталјон од украински војници кој бил опремен со македонски и словенечки тенкови“. Веста, целосно и без неопходната проверка, ја пренесоа голем број македонски медиуми.
Дури и фактите често се користат за пропаганда. Важно е нивното контекстуализирање и начин на обработка и објавување. Во случајов, се работи за пропаганда невешто скриена зад агенциска „вест“ пласирана од РИА во раните утрински часови на 22 октомври.
Како се шири „веста“ дека „Русите уништиле македонски тенкови во Украина“?
Агенцијата РИА објави извештај со видео на социјалните мрежи на кои се гледаат оштетени оклопни возила. Според тврдењето на РИА, сесрдно пренесено од македонските медиуми, тенковите што „Русите ги уништиле, украинската војска ги добила од Македонија и Словенија заедно со тенковите Т-72 на НАТО.“
За наводното уништување на македонските и словенечките тенкови во воена акција на руските сили на источниот фронт во Украина на 22 октомври 2022, без ниту една задршка или проверка, се објавуваа текстови и Фејсбук статуси од профили што се познати како руски пропагандисти. Мониторингот на ЦИВИЛ ги бележи насловите објавени во Вечер Прес, МТМ, Фокус, Денешен, Прес 24, Точка, Република, Центар, 24Инфо, Макфакс, Локално, Во Центар, А1он, 365, МКД, Канал 5, +инфо, Слободен печат и Сител.
Сите се, повеќе или помалку, со истата содржина, преведена од руската РИА, а најголем дел од нив го објавија и видео прилогот на РИА од социјалните мрежи.
Триумфализам: „Македонски и словенечки тенкови во пламен“
Оваа пропагандна содржина на РИА не е наменета за поширока меѓународна употреба, туку е насочена кон Северна Македонија. Погодно тло за оваа пропаганда секако е и српскиот медиумски простор, од каде што и се канализира голем дел од руската пропаганда во македонските медиуми.
Во дел од насловите во македонските интернет медиуми се бележи и триумфализам. Таков е насловот „Македонски и словенечки тенкови во пламен: Русите уништиле цел украински баталјон (ВИДЕО)“ објавен на МКД. Не е единствен таков наслов.
Пропагандата „удри“ и по Министерката за одбрана, Петровска
Но пропагандата не завршува тука. Дел од медиумите во вечерните часови во саботата (22 октомври 2022) ја доведоа пропагандата на РИА во врска со изјавата на Министерката за одбрана, Славјанка Петровска, во интервју за Канал 5.
„Македонија ќе продолжи со поддршката на Украина во борбата за нејзиниот територијален суверенитет и интегритет“ – изјави Петровска.
Таа упати и јасна порака за единството на НАТО, велејќи дека „и покрај сите скептици и дезинформации, НАТО сојузниците се грижат едни за други и си помагаат“.
„Гарантираме дека секоја педа од државите членки на НАТО е безбедна“ – изјави Министерката за одбрана.
Дел од медиумите со иронија: РУСИТЕ НИ ГИ УНИШТИЈА ТЕНКОВИТЕ, АМА СЛАВЈАНКА НЕ СЕ ПРЕДАВА
„Длабоко аналитични“, дел од медиумите иронизираа со овие изјави на македонската министерка за одбрана во полза на руската пропаганда, што може да значи или да поттикне омаловажување на одбранбените капацитети на сопствената земја.
Така, +Инфо објави текст со наслов „СЛАВЈАНКА ГО ВОЗВРАЌА УДАРОТ ОТКАКО РУСИТЕ ГИ УНИШТИЈА МАКЕДОНСКИТЕ ТЕНКОВИ Ќе испратиме нова воена помош за Украина“. Иронизира и Денешен со насловот „РУСИТЕ НИ ГИ УНИШТИЈА ТЕНКОВИТЕ, АМА СЛАВЈАНКА НЕ СЕ ПРЕДАВА: Ќе испратиме нова помош за Украина!“ Слободен печат излезе со насловот „Петровска најави испраќање нова помош за Украина откако Русите ги уништија македонските тенкови“.
Република, Лидер, 24Инфо, Фокус и други, при објавувањето на изјавата на Петровска за воената помош на Украина, не испуштија во последниот параграф уште еднаш да ја објават веста од РИА. Веројатно, на тој начин го разбираат „балансот“ во известувањето.
Упс! Не е потребно многу за да се провери и да се дознае дека интервјуто со Петровска е снимено пред пропагандната содржина на РИА за наводното уништување на македонските тенкови на фронтовите во Украина.
Руските независни медиуми не ја објавија „веста“ на РИА
Се обидовме да најдеме информација за наводното „уништување“ на украинскиот баталјон и македонските и словенечките тенкови во руските независни медиуми како што се ТВ Дождь, Новая газета и The Moscow Times. Таква информација немаше во овие медиуми.
Украински извори од фронтот: Ниту знаците на оштетената опрема не се украински
Побаравме одговор на прашањето дали ова се случило и од дипломатски извори.
„Таква информација нема. Оваа информативна психолошка операција е насочена против понатамошната поддршка за Украина“ – се вели во одговорот што го добивме од дипломатски извори.
Побаравме потврда и од нашите извори на боиштата во Украина.
„Не е точно. Погледнете го видеото. Ниту знаците на оштетената опрема не се украински“ – кратко одговори еден припадник на украинските сили што го контактираше мониторинг тимот на ЦИВИЛ во саботата навечер, 22 октомври.
Сепак, најмалку што може и треба да се каже за „веста“ на РИА е дека не е верификувана од независни извори. Кога е војна, тешко е да се утврдат фактите, но на публиката тоа мора и да ѝ се каже и да ѝ се објасни.
Српските медиуми ревносно ја пренесоа пропагандната содржина на РИА
Проверивме кој, освен македонските медиуми, ја пренесе веста на РИА. Одговорот го побаравме преку интернет пребарувачите. Предничат српските медиуми, меѓу кои Б92, Србија онлајн, Ало, Минут вести, Наслови.нет, Прваплус, Бигпортал (Република Српска) и други.
„Веста“ на РИА во светот
Проверивме и кои медиуми ја објавиле „веста“ на РИА во светот. Откривме дека веста за наводното уништување на украинскиот баталјон опремен со македонски и словенечки тенкови ја нема во ниту еден релевантен и професионален медиум во светот.
„Веста“ на РИА е пренесена во пакистанскиот Urdu Point, гејмерскиот блог Gaming Deputy, The Storiest, Oopstop, West Observer и неколку други, чии сопственици се скриени. Нивната релевантност е еднаква на нула.
Руската Лента.ру ја објави „веста“ на РИА, но „се истакна“ и со проширување на текстот со повеќе „податоци“, меѓу кои е и дезинформацијата на руската воена пропаганда дека „Русите уништиле 5,939 тенкови на украинската армија, не вклучувајќи ги македонските и словенечките тенкови“. Забележлива е „старата добра“ руска пропагандна школа – колку повеќе зборови, толку „поуверлива“ е дезинформацијата.
РИА е дел од руската воено-пропагандна машинерија
Руската новинска агенција РИА е дел од руската воено-пропагандна машинерија. РИА секојдневно објавува дезинформации и пропагандни пораки. Во агенциските „извештаи“ се оправдува бруталната агресија против Украина со познатите наративи и дезинформации што интензивно и во континуитет се пласираат повеќе од 15 години. Притоа, РИА во своите „извештаи“ не само што не известува за воените злосторства против цивилното население во Украина, туку прави сѐ нив да ги негира и да ги прикаже како „западна пропаганда“.
Исто така, РИА служи и како средство за кревање на моралот кај руското население, а воедно е пропагандна алатка за влијание врз јавноста во демократските држави. Така, секојдневно се пласираат и лаги за „големите воени успеси“ на руската војска на украинските фронтови или се минимизираат ефектите од загубите што ги трпат руските агресори, како што беше случај со известувањето за Кримскиот мост.
РИА не е единствениот извор на дезинформации и пропаганда под диктат на Путин
Се разбира, РИА не е единствениот извор на дезинформации и пропаганда под диктат на Путин. Во служба на руската пропагандна машинерија се стотици интернет медиуми, радио и ТВ станици, весници и профили на социјалните мрежи.
Националните ТВ мрежи се или државни или се во сопственост на компании чии сопственици се „во кревет“ со Путин. Владата, поточно Путин, целосно ги контролира Канал 1 (Первый канал) и Росија-1 (Россия-1), како и новинската агенција ТАСС. Една од водечките телевизии е и НТВ, чиј сопственик е рускиот државен енергетски гигант Газпром. И ТВ каналите со претплата се под државно (Путиново) влијание, бидејќи се зависни од сателитските платформи Триколор и Восток. Се разбира, од ова набројување не треба да се изостават и медиумските платформи „Спутник“ и „Раша Тудеј“ кои се забранети во ЕУ и други западни земји како пропагандни алатки за оправдување на војната против Украина.
Гломазна и скапа пропагандна машинерија
Накратко, Путин разви една гломазна и скапа пропагандна машинерија чија улога е да шири дезинформации и пропаганда, како низ Русија, така и низ светот. Медиумите во дел од земјите во регионот и пошироко покажуваат високо ниво на професионалност, но и отпорност кон дезинформациите и пропагандата.
Македонскиот и српскиот медиумски простор одамна се плодно тло за ширење на руската пропаганда, иако како лесна мета се покажаа и дел од бугарските и црногорските медиуми.