Централната лабораторија за животна средина ниту зимава нема да биде подготвена да го следи квалитетот на воздухот што ќе го дишеме. Иако деновиве и министерот за животна средина Насер Нуредини најави дека нè очекува тешка зима во која ќе се користат нечисти горива за производство на електрична енергија и за затоплување на домовите и дека може да очекуваме и зголемено загадување на воздухот, сепак, мерењата на емисиите во воздухот ќе можат да се проверуваат само во приватните лаборатории.
Лабораторија на Министерството за животна средина, иако постои повеќе децении, сè уште не е акредитирана за ниту еден метод за следење на состојбата со воздухот. Минатата година го набави инструментот за мерења од стационарни извори, но само еден вработен е обучен за да ракува со него. Заради тоа, процесот на акредитација на единствената државна лабораторија за методи за загадување на воздухот ќе мора да почека да се вработат уште двајца нови работници, а потоа и да се обучат да го користат инструментот за мерење на стационирани извори.
Од Министерството велат дека постапката за двете вработувања е во тек, но постапката за акредитација ќе може да почне дури откако ќе биде завршен целиот процес на вработување и обука.
„Лабораторијата е во очекување за нови вработувања за да може да се акредитираат методи за воздух. Засега е набавен инструмент за мерење на емисии во стационарни извори и е обучен еден оператор за истиот, но за акредитација на методите потребни се тројца оператори. Откако ќе добиеме вработување на нови стручни лица планираме да бидат акредитирани неколку методи за воздух“, посочуваат од Министерството и додаваат дека засега не се планира набавка на нови инструменти за мерење на загадувањето на воздухот.
За екологистите одолговлекувањето на процесот на акредитација на Централната лабораторија е проблематично. Горјан Јовановски, креаторот на платформата Air Care-Мој воздух вели дека ветувањата за акредирација постојат одамна, но никогаш не се ставаат како приоритет, иако над 3000 луѓе годишно во земјава умираат од аерозагадување.
„Не знам кога политичарите ќе ја постават животната средина и чистиот воздух како приоритет. Се однесуваат како ниту тие, ниту нивните деца да не го дишат отровот што го имаме секоја зима. А знаеме дека оваа зима ќе биде особено загадена. Зборуваме за враќање на мазутот и јагленот, енергенси кои знаеме колку лошо влијаат на квалитетот на воздухот“, вели Јовановски.
Како што веќе пишуваше Мета.мк, Централната лабораторија за животна средина на Министерството за животна средина во мај годинава се акредитираше за уште пет методи за испитување на отпадните води со кои се определува квалитетот на отпадните води за количество на амониум јони, сулфати, хлорид, вкупен фосфор и фосфати. Со тоа сега лабораторијата има сертификати за вкупно 12 методи, од кои една е за бучава, а останатите се за води.
извор: МЕТА