Комитетот за правата на детето при Обединетите Нации (ОН), ги објави завршните согледувања за Република Северна Македонија, поздравувајќи ги различните законодавни, институционални и политички мерки преземени од државата,. за заштита на правата на децата.
Сепак, Комитетот останува особено загрижен за постоењето на стереотипи и општествени норми што доведуваат до дискриминацијата на децата, особено против децата Роми, децата со пречки во развојот, ЛГБТИ+ децата, како и дискриминација врз основа на нивниот социјален статус.
Комитетот препорача Северна Македонија да обезбеди остварување на правата на децата во согласност со Конвенцијата, Факултативниот протокол за вклучување на деца во вооружени конфликти и Факултативниот протокол за продажба на деца, детска проституција и детска порнографија, во текот на целиот процес на спроведување на Агендата за одржлив развој 2030 година. Исто така, ја повика државата да се обезбеди значајно учество на децата во дизајнирањето и спроведувањето на политиките и програмите насочени кон постигнување на сите 17 цели за одржлив развој што се однесува до децата.
Комитетот препорача државата да го зајакне својот национален механизам за известување и следење како постојана владина структура која има мандат да координира и подготвува извештаи до меѓународните и регионалните механизми за човекови права и да се ангажира во нивно спроведување. Во извештајот се нагласува дека таквата структура треба да биде адекватно и континуирано поддржана од посветен персонал, да развива ефективни алатки за следење и собирање информации и треба да има капацитет систематски да се консултира со националната институција за човекови права и граѓанското општество.