Премиерот Димитар Ковачевски, придружуван од министерот за економија Крешник Бектеши денеска се обрати на настан по повод отпочнувањето со работа на 17 мегаватна соларна електрана, кумулативно најголемата фотоволтаична електрана во земјата, лоцирана во Свети Николе, Амзабегово.
Електраната се состои од 31.772 сончеви панели на површина од 300.000 квадратни метри со 17 мегавати номинална инсталирана моќност и предвидено производство од 25.000 MWh зелена енергија годишно, што би можела да снабдува над 5.500 македонски домаќинства, соопштуваата од Влада.
„Ова што денес го пуштаме како најголемата инвестиција во фотоволтаична централа во државата, покажува како работи една одговорна Влада, како може да функционираат институциите и на централно ниво и на локално ниво, како може да постои дијалог меѓу државни институции и реномирана приватна компанија која работи во 25 држави во светот и како на крај од тоа има резултат којшто резултат доаѓа 3 месеци пред зададениот рок. Затоа кога станав премиер кажав дека јас имам доверба и во македонските граѓани и во македонските компании и воопшто во државата. Со ова го потврдуваме дека можеме да го направиме. Оваа фотоволтаична централа со големина од 17 МВ капацитет, тоа е најголемата фотоволтаична централа во државата. Директорот на ГЕН-И не кажа уште една работа, оваа централа е поголема од сите централи кои што се направени во Словенија. Ако ја однесете поединечно во Словенија, тогаш оваа централа ќе биде поголема. Тоа е затоа што Македонија е земја на сонцето. Тоа го препознава ГЕН-И сонце, тоа го знае и оваа Влада. Ова е начинот на кој треба да се инвестира во обновливи извори на енергија. Тоа значи работа за наши инженери, работа за наши техничари, работа за сите оние кои ќе ја користат таа електрична енергија“, изјави Ковачевски.
„Очекувам во наредните 30 – 40 дена, во Собранието да се достават неколку закони за стратешки инвестиции, тие што беа прогласени во текот на претходниот период и тоа за ветерниот парк „Вирови“, од страна на германската компанија ВЕПЕДЕ, најголемата фотонапонска централа во овој дел од Европа, СТИПИОН со капацитет од околу 400 мегавати од реномираната француска компанија АКУО.
Една од најголемите грчки компании Митилинеос, аплицираше за стратешки проект за изградба на когенеративна електрана за производство на топлина и електрична енергија во Скопје, со инсталиран капацитет од 150 мегавати. И тие во текот на неделава ќе бидат разгледани од страна на Владата со цел да бидат прогласени за стратешка инвестиција.
Очекувам во наредните 2 години, да се пуштат во употреба сите 130 мегавати на фотонапонски електрани, по пат на премиуми за кој се потпишани договори во изминатите две години“, додаде Ковачевски.