Домаќинствата да затоплуваат до 21 степен, а индустријата и институциите да штедат енергија, затоа што таа зимава ќе биде произведена од нечисти извори, апелираше денеска министерот за животна средина Насер Нуредини и информираше дека во неговото министерство не се користат клими, се гасат светилки за кои нема потреба, а штедат и на трошоците за репрезентација.
Енергетската криза и набавките на јаглен и мазут за да се обезбеди што повеќе енергија преку домашните капацитети кои работат на фосилни горива, се очекува да допринесат за влошување на квалитетот на воздухот, кој и онака во зимските месеци во некои градови е екстремно загаден. Нуредини е дециден дека инспекциите и понатаму ќе бидат на терен, а на големите индустиски капацитети и загадувачи нема да им се прогледува низ прсти. Остануваат да важат истите максимални вредности на загадување на воздухот што ги пропишува законот и секоја емисија над нив ќе биде санкционирана.
Министерот денеска апелираше и до домаќинствата кои ќе користат дрва или пелети, да купуваат сертифицирани и проверени горива.
„Нема да ги казнуваме домаќинствата, но мора секој да биде свесен дека доколку гори лакирано дрво, гума или пластика, прво тој самиот се труе себеси и своето семејство, а потоа и околината“, вели Нуредини.
За училиштата, градинките, болниците и полициските станици државата ќе обезбеди гас за да не мораат да користат мазут за затоплување. Најави и зачестени вонредни контроли од државните инспектори, а побара да се ангажираат и општинските.
„Свесни сме дека овие служби имаат проблем со екипираноста и дека им недостасува кадар. Но, треба да потенцираме дека секој граѓанин е инепектор и дека може во секое време да пријави загадување до инспекцијата или во полиција, без разлика дали доаѓа од фабрика или од оџакот на соседот“, вели Нуредини.
Енергетската криза ја тресе цела Европа, но проблемот во земјава е многукратно поголем заради лошите енергетски политики во изминатите години, малите инвестиции во обновливи извори на енергија и зависноста од увоз на струја. Според Нуредини, една од најголемите грешки е нереализацијата на проектот Чебрен.
„Немаме многу алтернативи, или ќе произвдуваме струја и ќе го поддржиме приватниот сектор или ќе имаме криза и пад на економијата. Но, сепак, што веќе увезуваме јаглен и мазут, тоа да се прави според стандардите“, вели Нуредини./МЕТА