На иницијатива на министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, Владата на Република Северна Македонија ја усвои информацијата во врска со статусот на Договорите за концесија на малите хидроелектрани лоцирани во зоните на строга заштита и на активно управување на Национален парк „Шар Планина“, за кои се водеше постапка за спогодбено раскинување на Договорите за концесија за користење на вода за производство на електрична енергија, соопштија од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП).
Со информацијата се опфатени шест мали хидроелектрични централи лоцирани во зоните на строга заштита и на активно управување во Националниот парк „Шар Планина“, кои нема да се реализираат. Се работи за МХЕ Љуботенска бр.66, МХЕ Љуботенска бр.67, Беловишка бр.107, Пена бр.82, МХЕЦ Лешочка 100 и Лешочка 101.