„Балкан форум“ е регионална иницијатива за унапредување на одржлив и партиципативен развој на земјите од Балканот како ефикасен корисник на ресурси, позелен и поконкурентен регион кој е базиран на соработка и разновидност“, вели за ЦИВИЛ медиа Астрит Истрефи, извршен директор на организацијата.
Тој додава дека „Балкан форум“ цели кон поткрепување на силните страни на регионот и конкурентните вредности на секоја од земјите, цели кон катализација на иновациите и развојот во рамките на демократските вредности и закони и се труди да создаде нова визија за Западен Балкан врз основа на економска интеграција, просперитет и одржлив мир.
„Балкан форум„ соработува со многу организации, медиуми, меѓу кои е и ЦИВИЛ, со цел да се подигне јавното мислење и свеста кај граѓаните, особено во борбата со дезинформациите, но постојано се залага за едукација бидејќи тоа е единствениот начин да не се падне во замката на дигиталниот наплив на информации“, додава Истрефи.
Според Истрефи уште од почетокот оваа иницијатива го поддржува доброто образование и развој на општествата за да се спречи т.н „одлив на мозоци“ во странство, но и работа со дијаспората, не таа финасиски да помага туку да сподели искуства кои ќе помогнат во развојот на земјите од Западен Балкан.
„Покрај останатите области една од важните теми е и циркуларната економија за која во рамките на Логекс работиме на платформа за создавање на здрави телеми за развој на земјите од Западен Балкан како една од важните теми кои ја промовира Европската унија со цел поздрава и помалку загадена животна средина“, појаснува Истрефи.
Тој живеел во Скопје две години и го смета за свој втор дом, пред да замине за Албанија, но има две омилени места во градот, а тоа се Калето и Водно.
Целта на заедничката работилница која се одржа во Скопје беше да се споделат знаењата за различните теренски практики на Циркуларната економија преку последниот развој во Европа, Америка, Дубаи и да се обидат да ги премостат, или поконкретно да ги внесат овие неверојатни практики во контекстот на Западен Балкан.
Покрај тоа, дискусијата за значењето на обновливите извори на енергија и достапните обновливи ресурси не само како дел од ЦЕ, туку и како исполнување на други социјални проблеми, како што е намалувањето на сиромаштијата.
Експертите од најразлични области, претставници на невладини организации од Косово, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора и Северна Македонија, покрај главната тема- Виркуларната економија, разговараа и за искуствата од нивните земји, тамошната култура, меѓуетничките односи, енергетската криза, ЕУ интеграциите…
Значењето на Берлинскиот процес за Западен Балкан
„Берлинскиот процес како комплементарен на евроинтеграцискиот процес на земјите од Западен Балкан, има за цел изградба на рамка за унапредување на односите меѓу земјите, отворена пазарна економија, забрзување на реформскиот напредок во интерес на поскора интеграција кон ЕУ, унапредување на соработката, унапредување на културата на дијалог и културата на изнаоѓање на компромисни решенија кои имаат за цел да дадат автентичен придонес во европеизација на земјите од регионот, а тоа е токму она што ние го поддржуваме како организација“, вели Истрефи.
Според него трите договори потпишани рамки на Самитот на Берлинскиот процес, на 3 ноември, од страна на шесте држави од Западен Балкан, се од големо значење бидејќи се однесуваат на заемно признавање на универзитетски дипломи во рамките на Западен Балкан, признавање на професионалните квалификации и слобода на движење со лични карти во Западен Балкан, со цел да ја зајакнат соработката помеѓу земјите во делот на реформските процеси, заедничките пазари и воедно да придонесат забрзан регионален економски раст и развој.
„Визијата и целите кои ги нуди Берлинскиот процес се јасни и прецизни и нуди голем прогес за сите шест земји потписнички. „Отворен Балкан“ е добра иницијатива, но во неа членуваат само три земји дел поради нестабилните политички односи меѓу Србија и Косово, но и Босна и Херцеговина, но и нуди можеби добар регионален развој, но малку ги одалечува земјите од идејата за ЕУ“, заклучува Истрефи.
Според него мора да се решат меѓуетничките тензии кои се уште постојат на Балканот, како на пример оние меѓу Србија и Косово, но и демократските стандарди кои треба да се преминуваат, но и најважното е владеењето на правото, ако сакаме да се приклучиме кон Европскиот сојуз. Затоа мора да работиме повеќе и подобро и да докажеме дека се грижиме за човековите права и дека функционира правосудниот систем, да се намали корупцијата.
Дезинформациите и руската пропаганда
„Од големо значење за нас се медиумите со особен фокус на дезинформациите како и пропагандата кои зачестија во последно време особено по руската агресија врз Украина, а постојат и многу докази дека овие зачестени напади не доаѓаат само од Русија туку и локално, особено во земји чии лидери не спаѓаат во групата на прогресивни политичари, туку сакаат да промовираат војна, конфликти во Западен Балкан против кои се бориме постојано“, вели Истрефи.
Според него една од целите на „Балкан форум“ е и регионалната соработка на задничкиот пат кон ЕУ за Западен Балкан, како и отварањето на перспективите на овие шест земји од членството во НАТО.
„Северна Македонија, Албанија и Црна Гора се веќе членки, Косово и Босна и Херцеговина се уште не но во овие земји има присуство на НАТО и ЕУ безбедносни сили, а Србија пак е посебна приказна со поинаков начин на гледање на Алијансата тие не сакаат да бидат членки воопшто“, вели Истрефи.
https://www.youtube.com/watch?v=X4BVBnNQ1U8
Тој додава дека требало да ни биде јасно дека со падот на Берлинскиот ѕид не завршила една ера која сме ја оставиле зад нас, туку таа Студена војна продолжила во поинаква форма и во понаков контекст, а руската агресија врз Украина го објаснува сето тоа. Иштрефи потсетува на руската агресија врз Грузија и на тоа дека овие две земји сакаат развој и свое приклучување кон ЕУ и НАТО поради демократските вредности и не сакаат никаков сојуз со Русија.
„За разлика од нив, кои се блиску до границата со Русија, ние имаме една балканска земја Србија која вели дека не може да ги раскине врските со Москва, што значи се работи за идеологија, а не историска конекција меѓу земјите. И затоа кога Русија вели загрозени сме од НАТО, треба да се постави прашањето дали некого НАТО сака да го приклучи насила или пак тоа е избор на самите земји. Секогаш одговорот е второто, а истото важи и за членството во ЕУ“, вели Истрефи.
Заканите со бомби се реални
Според Истрефи руската агресија не е само врз Украина, туку ја има насекаде во светот, а руската пропаганда е особено раширена на Балканот. Тој додава дека и заканите со бомби кои извесен период се случуваат во неколку балкански земји, меѓу кои и Северна Македонија се дел од сценарио за креирање страв и поткопување на сигурноста и безбедноста.
„Треба да бидеме многу внимателни, постојат многу докази за руското влијание, во Македонија се докажа и со Референдумот кога одредени структури сакаа да го направат неуспешен процесот, но сепак Македонија стана НАТО членка. Документите не се објавени, но постојат докази со име и презиме кој точно ја шири руската пропаганда. Слично е и со Црна Гора, но и Косово и Босна и Херцеговина каде рускиот амбасадор индиректно се заканува со присуство на одредени настани“, додава Истрефи.
Тој вели дека оваа руска пропаганда е многу раширена и во Србија, а со руското влијание мора да се биде внимателен бидејќи еден ден овие бомби ќе експлодираат и нема да бидат веќе само закана, туку и реална опасност.
Што е LogEx?
Заедницата LogEx е основана во декември 2021 година. Тоа е партнерство помеѓу универзитети и академици, граѓански организации и бизнис актери од Западен Балкан и дијаспората во регионот.
Како разновидна заедница, LogEx работи на решавање на јазот помеѓу високото образование и пазарот за вработување во регионот и го олеснува заедничкото учење и соработка и работи на градење човечки капитал, зајакнување на кружната економија, намалување на невработеноста и миграцијата.
Исто така LogEx е конзорциум од различни организации со заедничка идеја како што е циркулатната економија, безбедноста и развива стратегии како да продолжи фокусот на овие теми, со цел да се промовираат за да се вклучат различни субјекти од општеството, како бизнис секторот, локалните власти, централните власти, со цел да се подобри законодавството како и мерките кои треба да бидат поддржани, но најмногу да се привлече вниманието на младите за да бидат посвесни за потенцијалот, личниот развој и секако вработувањето преку циркуларната економија, бидејќи ова е еден нов концепт кој допрва треба да се развива на Балканот, а сите овие земји имаат сличности околу заедничките цели, но и проблемите со кои се соочуваат и токму затоа се собравме тука за да дискутираме, а покрај организациите беа присутни и претставници од универзитети и експерти во областа.
Соња Танеска/ЦИВИЛ Медиа
камера и монтажа: Ариан Мехмети