Два дена пред почетокот на меѓународната климатска конференција во Египет, Европската Комисија упати повик да се почитуваат преземените обврски и да се преземат итни мерки против климатските промени, јави дописничката на МИА од Брисел.
Претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен ќе ја претставува институцијата на почетокот на Конференцијата КОП 27 во Шарм Ел Шејк, која започнува на 6 ноември и трае до 18 ноември. КОП 27 е конференцијата за климатски промени на Обединетите Нации.
Фон дер Лајен денес упати апел до сите страни да “преземат итни мерки за да се намалат стакленичките емисии“, главен фактор во климатските промени. Претседателката исто така ќе го презентира заедничкиот став на ЕУ на оваа конференција.
Како што информира Комисијата целта на нејзиниот преговарачки тим за време на КОП 27 ќе биде да се турка за применување на веќе преземените обврски за намалување на штетните емисии и да лобира за преминување од “амбициозни зборови кон конкретни дела“. ЕУ ќе се заложи за помош на најранливите земји и ќе притиска за дупло поголемо финансирање за адаптација на земјите во развој до 2025, во споредба со 2019. Целта е климатските финансиски придонеси да постигнат 100 милијарди евра. Во овие 100 милијарди, ЕУ придонесува со 23,04 милијарди.
За потсетување земјите членки на Обединетите Нации во 2015 се заложија да ги намалат стакленичките емисии за да се задржи климатското затоплување под прагот на 2 степени. Експертите предупредуваат дека оваа цел е веќе недоволна и дека идеално треба таргетот да се промени на 1,5 степени.
Доколку не се преземат итни мерки светот ќе биде соочен со катастрофални климатски последици, предупредуваат научниците.