Европската иницијатива за климата (EUKI) упати 7-ми јавен повик за климатски акциски проект на 25 ноември, за забрзување на климатските активности во Европа.
Непрофитните организации од граѓанското општество, академската заедница, приватниот сектор, образованието и општините можат да аплицираат до 13 јануари 2023 година. Повикот се однесува на земји во Централна, Источна и Југоисточна Европа (Полска, Чешка, Словачка, Унгарија, Романија, Бугарија, Словенија, Хрватска, Грција) вклучувајќи ги балтичките држави (Латвија, Литванија, Естонија) и шест држави од Западен Балкан ( Албанија, Босна и Херцеговина, Косово*, Црна Гора, Северна Македонија, Србија). Поголемиот дел од финансирањето на ЕУКИ проектот (>50%) мора да се распредели на имплементаторите и партнерите во целните земји.
Според ЕУКИ, секој избран проект ќе добие од 120.000 до 1 милион евра. Времетраењето на периодот на финансирање може да биде од 18 до 29 месеци.
Проектите треба да се вклопат во една од седумте категории: климатска политика, енергетска политика, социјално праведна транзиција / праведна транзиција, климатско неутрална мобилност, финансирање погодно за климата, одржлива економија и отстранување на CO2.
Проектите кои ќе бидат избрани да добијат поддршка треба да бидат во согласност со целите на пакетите Fit-for 55 и REPower ЕУ. Тие треба да ја зајакнат улогата на граѓанското општество во климатските активности на локално или регионално ниво, велат од ЕУКИ.
Постапка за избор во два круга
Првата фаза од процесот предвидува подготовка на преглед на проектот на англиски јазик, кој ќе го означи прашањето што треба да се реши, целите на проектот и планираните мерки. Тие мора да се достават до крајниот рок користејќи ја само алатката за онлајн апликација на веб-страницата на ЕУКИ. Врз основа на расположливиот буџет и критериумите за избор дефинирани во информациите за финансирање, од апликантите со ветувачки нацрти на проекти потоа ќе биде побарано да развијат и да достават целосен предлог-проект во втората фаза.
Во вториот круг, од организациите кои ќе влезат во потесен круг ќе биде побарано писмено да достават целосен предлог-проект. Овој предлог мора да се поднесе во рок од приближно четири до шест недели. На избраните организации ќе им бидат понудени информативни сесии за развој на предлог проектите.
Во текот на изминатите пет години од своето основање, ЕУКИ инвестираше 79 милиони евра во европската климатска акција преку 179 проекти. Вмрежува повеќе од 360 организации, општини, училишта, јавни власти и универзитети вклучени во спроведувањето на целите за климатска акција низ ЕУ.