Додека светските лидери се собираат на конференцијата за климатски промени на Обединетите нации (КОП27) во Египет, тешко е да се биде оптимист дека разговорите ќе донесат какво било радикално отстапување од незапирливиот пораст на глобалните емисии на јаглерод диоксид во последните два века, пишува академскиот портал „Конверзејшн“ (The Conversation).
Пред минатогодишните разговори во Глазгов, експертите предупредија дека тој самит е последната шанса за светот да го ограничи глобалното затоплување на 1,5 степени до крајот на овој век. Но, извештајот на ОН минатата недела покажа дека дури и во случај сите нации да ги исполнат своите климатски цели оваа деценија, планетата сепак ќе се загрее за катастрофални 2,5 степени целзиусови.
Глобалната пандемија донесе надежи дека светските економии би можеле да се оддалечат од нивната зависност од фосилни горива, бидејќи карантините низ светот придонесоа да се намали потрошувачката на енергија, а прогресивните политичари предложија алтернативни политички агенди. Но, по повторното отворање на границите, нашата зависност од фосилни горива се врати на „одмазднички начин“. Меѓународната агенција за енергија проектира дека нето приходот на производителите на нафта и гас ќе се удвои годинава на алармантни 4 трилиони американски долари.
„The Conversation“ пишува дека, како научници, ова е ужасно и фасцинантно да се набљудува – како е можно едно технолошки напредно општество да избере да се уништи себеси со неуспех да дејствува за да спречи климатска катастрофа?
Водечките светски научници за клима со децении предупредуваат на опасностите од постојаното зголемување на емисиите на стакленички гасови. Политичките и корпоративните лидери знаеја за заканата повеќе од една деценија пред истата да стане клучно јавно прашање.
Во 1977 година, тогашниот претседател на САД, Џими Картер бил информиран за можноста од катастрофални климатски промени. Истата година, внатрешните белешки на една од најголемите светски нафтени компании јасно ставија до знаење дека континуираното согорување на фосилни горива драматично ќе ја загрее планетата.
„Па зошто, во 45-те години оттогаш, имаше толку малку акција како одговор? Зошто ги осудуваме денешните деца и идните генерации да живеат на опасна и непријателска планета?“, прашува „The Conversation“.
Одговорот, тврди журналот, почива на преовладувачката претпоставка организирана од корпоративните и политичките елити – дека бескрајниот економски раст поттикнат од фосилната енергија е толку фундаментален и разумен што не може да се доведе во прашање. Оваа идеологија академиците ја нарекуваат „хегемонија на фосилните горива“.
Низа неодамнешни студии во Австралија, Канада и САД, покажуваат дека хегемонијата на фосилните горива се состои од коалиција на корпоративни и политички актери со усогласени интереси околу економскиот раст зависен од јаглерод. Ова, пак, води до ограничен напредок во законодавството за намалување на емисиите на јаглерод.
Хегемонијата, исто така, се прошири и на активностите на корпорациите и политичките субјекти кои го засадуваат сомнежот за климатските науки и лобираат против намалувањето на емисиите и обновливите извори на енергија. Ова помага да се објасни зошто еколозите кои се залагаат за задржување на фосилните горива под површината на земјата често се напаѓани од конзервативните политичари и десничарските медиуми. Тие се претставувани не само како закана за „нашиот начин на живот“, туку и како заблудени и опасни радикали, па дури и терористи.
Академиците од „The Conversation“ смируваат дека постои алтернатива за хегемонијата на фосилните горива, а тоа е итна и драматична декарбонизација на глобалната економија, каква што КОП27 во Египет се стреми да постигне. Тоа би барало и планирано и правично намалување на богатите економии, ограничување на ископувањето фосилни горива, автономија на работниците и пократко работно време, како и гаранции за работа со животна плата.
„Овие типови политики се потпираат на даночните реформи за да се ограничи користењето на ресурсите и да се намалат емисиите на јаглерод, а истовремено да се промовира споделувањето на работата и да се ограничат производството и потрошувачката“, пишуваат професорите во „The Conversation“.
Покрај тоа, декарбонизацијата ќе бара и многу подемократска политика од онаа што ја дозволува сегашната хегемонија и што предизвикува илузија оти економскиот раст може да продолжи дури и кога системите за поддршка на животот на Земјата почнуваат да пропаѓаат.
Вистински тест на хегемонијата на фосилните горива ќе биде колку долго може да опстојува ваквата слика додека климата станува поекстремно, а климатскиот активизам расте.
извор: МЕТА