Европските директиви кои ги засегнуваат прашањата од животната средина и климатските промени се генерално имплементирани во домашното законодавство, но и понатаму недостасува ефикасна имплементација. Сè уште не е донесен Законот за климатска акција, најголемите енергетски капацитети работат без А-интегрирани дозволи, амбициозните климатски политики не се во согласност со актуелните активности, принципот загадувачот плаќа не се спроведува доследно и нема транспарентност во трошењето на буџетските средства уплатени за еколошки дозволи.
Ова се само дел од заклучоците од дводневната обука за следење на напредокот во спроведувањето на подпоглавјата од Поглавје 27 – Животна средина и клима, што се одржа во организација на Центарот за климатски промени. Тие ќе бидат внесени во новиот извештај во сенка за Поглавјето 27 кој ќе биде презентиран во јавноста во текот на идниот месец.
Според Елена Николовска од „Еко свест“, земјата носи климатски политики со високо ниво на амбиција, меѓутоа им недостасува реална имплементација. Пример за тоа се документите како Стратегијата за климатска акција и Националниот план за енергија и клима, додека, пак, Законот за климатска акција предолго се чека и воопшто не е донесен.
„Климатските промени не се приоритет во земјата и нема политички консензус за содржината на климатските политики и за начинот на имплементација на климатската акција“, смета Николовска и додава дека моменталните енергетски политики, на пример, фактот дека ТЕЦ Осломеј сè уште не е затворен, а ТЕЦ Неготино се рестартираше како и најавите за нови рудници, се во колизија со одредбите од Стратегијата за климатска акција и ревидираните национални придонеси.
Во однос на квалитетот на воздухот, нема значителен напредок во поглед на усогласување на националното законодавството со европското, но може да се забележи подобрување во мониторингот, преку воведувањето на две нови мониторинг станици во рамките на државниот систем во Прилеп и Берово, како и преку инвестициите во замена на мерните инструменти во останатите станици. Сепак, загадувањето на воздухот сè уште е голем проблем во многу градови во земјата, особено со концентрациите на цврстите честички ПМ 10 и ПМ 2,5.
Подобрувањето на квалитетот на воздухот, според Филип Стојановски од Центарот за климатски промени може да се случи со заеднички акции во повеќе сектори. За таа цел предлага донесување на долгорочна Стратегија за чист воздух од најмалку 10 години со Акционен план во која ќе бидат вклучени сите сектори кои придонесуваат во квалитетот на воздухот како индустријата, енергетиката, транспортот, урбанистичкото планирање и земјоделството. Како еден од условите, Стојановски ја посочува и потребата за акредитирање на национална лабораторија за мерења во воздухот, вклучително и акредитација на лабораторијата каде што се врши калибрација на инструментите.
Европското законодавство релевантно за индустриското загадување е само делумно транспонирано, а сè уште се чека и донесувањето на Законот за индустриски емисии, нотираат екологистите. Добар дел од законодавството, како и во другите сектори, слабо се имплементира, а голем дел од причината лежи и во слабите капацитети и квалификации на државната и локалната администација. Од годинава Министерството го воспостави дигиталниот Регистар на А и Б еколошки дозволи во однос на зголемувањето на транспарентноста околку индустриското загадување. Сепак, и годинава извештајот на Европската Комисија повторно нотира дека нема напредок во имплементацијата на принципот загадувачот плаќа, а нема ниту транспарентност како се трошат средствата за издавање на еколошките дозволи кои капацитетите ги уплатуваат во буџетот.
Во делот на управување со отпад, македонското законодавство се проценува дека е средно усогласено со европското, напомена Мирјана Стефановска. Рамковната директива за отпад во голем дел од одредбите на директивата се транспонирани во Законот за управување со отпад. Постигнатиот напредок во однос на усвојувањето на пакетот-закони за управување со отпад е нотиран и од Европската Комисија, но изостанува практичната имплементација на законите.
Под управување со отпад, рече Стефановска, во земјава се подразбира собирање на отпадот од јавните комунални претпријатија и негово депонирање на депонија. Системот за селекција на отпад изостанува и во голема мерка се заснова на функционирањето на колективните постапувачи.
„Моменталната состојба во државата се карактеризира со многу мал напредок во развојот на инфраструктурата за управување со отпад. Постојните депонии што не се усогласени не ги исполнуваат ниту основните услови за безбедно отстранување на отпадот“, рече Стефановска.
Меѓу главните препораки за справување со отпадот во земјава, таа ја спомена неопходноста од воспоставување на регионалните системи за управување со отпад, односно проектите за изградба на регионални депонии и трансфер станици. Бојана Станојевска Пецуровска на денешниот настан праша и од која причина е блокиран во Собранието на РСМ законот за кредитно задолжување на земјава кај Европската банка за обнова и развој за изградба на регионалните депонии за пет региони во земјава.
Една од главните препораки за земјава кои ќе овозможат исполнување на забелешките на Европската Комисија од Поглавјето 27 во делот на управување со отпад, е обезбедување на средства од државата, општините и Градот Скопје за воспоставување на инфраструктура за селектирање на отпадот. Неопходно е и да се зајакнат капацитетите на општините за управување со отпад, во насока првенствено на справување со дивите депонии кои се појавуваат на нивна територија.
Не помалку важно е спроведувањето на јавни кампањи за подигнување на јавната свест на населението за постапување со отпадот, бидејќи и на денешната обука претставниците на граѓанските организации и на општините во земјава се сложија дека неинформираноста на граѓаните за бенефитите од регионалното управување со отпад води кон негативни реакции, протести и други проблеми кои не ја овозможуваат практичната изведба на регионалните депонии.
Тања Пауновска од Министерството за животна средина и просторно планирање со обраќање се вклучи во делот на презентирањето на напредокот на земјава во областа бучава, за која што самата нагласи дека оваа тема е недоволно застапена во медиумите. Законот за бучава во животната средина е донесен во 2007 година, а усвоени се и низа на правилници и одлуки со кои се врши усогласување на македонското законодавство со директивите на Европската Унија.
За разлика од други покомплексни и многу поскапи области од Поглавјето 27, Пауновска нагласи дека областа бучава не е толку скапо подрачје за реализација од финансиски аспект. Сепак, во Извештајот за реформскиот напредок на земјава за 2022 година Европската Комисија нотира дека нема напредок. Како и во многу други области, административниот капацитет на централно и локално ниво е слаб и недоволен.
Пауновска рече дека главниот фокус во наредниот период треба да биде намалување на бучавата преку употреба на задолжителни технички стандарди за производите, како и изработката и донесувањето на Стратешки карти и Акциони планови за бучава. Од Европската Унија е одобрен проект од 2 милиони евра за подготовка на стратешките планови и мапи за бучава во наредниот период, при што во него се опфатени покрај Министерството, и Градот Скопје со сите 10 општини, Куманово, Битола и Тетово. Доколку успешно се реализира овој проект, тогаш и практичната имплементација на обврските на патот кон ЕУ во делот на бучавата во земјава значително ќе се зголеми.
Според досегашното практично искуство во делот на бучавата, најголемиот дел од поплаките доаѓаат токму од граѓаните и се однесуваат токму во поголемите населени места, во делот на работењето на угостителските објекти, за што законска надлежност за дејствување има инспекцискиот надзор.
Во делот на водите, на дводневната обука вчера свое обраќање имаше Петра Поп Ристова, која спомена дека подглавјето на води во Поглавјето 27 е едно од најкомплесните и најскапите во преговарачкиот процес на земјава со ЕУ.
Во однос на степеност на усогласеност на македонското законодавство со она на ЕУ во делот на водите, може да се увиди дека најнизок степен на транспонираност од 14 отсто има кај Директивата на ЕУ за поплави, 22 отсто кај Директивата за води за капење и 44 отсто кај Директивата за води за риби.
Земјава досега успеала да ги изработи нацрт-верзиите на Плановите за управување со речните сливови и се формирани Совети за управување со речните сливови, но тие немаат почнато со работа, а плановите не се финализирани и усвоени. Националната стратегија за води е со траење до 2042 година, но Поп Ристова додава дека е со многу лош квалитет и кон неа не е изработен и акциски план со конкретни мерки и временска рамка за имплементација.
За спроведување на Директивата за урбани отпадни води до 2042 година на земјава ќе ѝ бидат потребни 1,2 милијарди евра. Само 24 отсто од населението во Македонија е покриено со систем за третман на отпадните води, додека минорни 3 до 4 отсто од отпадните води од индустријата и рударството се третираат.
Во презентацијата на д-р Петра Поп Ристова се спомена и дека за спроведување на Директивата за води за пиење до 2042 година ќе бидат неопходни 510 милиони евра за земјава, а посебен акцент треба да се стави на огромниот процент на неприходувана вода кај водоводните системи во државата.
Во делот на препораките, на обуката се спомена неопходноста од ревизија на постоечката Национална стратегија за води на земјава, како и дополнување на делот од Законот за води за одредување на методологија за донесување и содржината на оваа стратегија.
Меѓу препораките што ги наведе Поп Ристова, се и спроведувањето на проактивна политика за намалување на загубите на вода за пиење и развивање на кампања на населението за нивно поврзување на јавната мрежа за водоснабдување. Како и во делот на управување со отпад, и кај водите е неопходно да се зајакнат капацитетите на јавните комунални претпријатија, како и преземање од нивна страна на сите водоснабдителни системи во земјава.
извор: МЕТА