„Имам многу пријатели во Македонија, сум бил во Скопје и Охрид, ќе го посетам и Тетово, а менталитетот е многу сличен на нашиот во Босна и Херцеговина, вели во разговор за ЦИВИЛ Медиа, Самир Бехариќ, претставник на иницијативата „Балкан Форум“ во Босна и Херцеговина.
Тој заедно со претставници од голем број земји учествуваше на дводневната работилница на „Логекс“ која се одржа во Скопје, во врска со предизвиците и можностите кои треба да се применат во земјите од Западен Балкан во однос на транзицијата кон циркуларната економија.
Целта на заедничката работилница беше да се споделат знаењата за различните теренски практики на Циркуларната економија преку последниот развој во Европа, Америка, Дубаи и да се обидат да ги премостат, или поконкретно да ги внесат овие неверојатни практики во контекстот на Западен Балкан.
Исто така, една од значајните поенти беше значењето циркуларната економија од деловна гледна точка во претприемништвото, имплементацијата на политиките и енергијата. Не само од бизнис (приватен сектор) гледна точка, туку и улогата на владите во овој процес.
Покрај тоа, дискусијата за значењето на обновливите извори на енергија и достапните обновливи ресурси не само како дел од циркуларна економија, туку и како исполнување на други социјални проблеми, како што е намалувањето на сиромаштијата.
Експертите од најразлични области, претставници на невладини организации од Косово, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Северна Македонија, покрај главната тема-циркуларната економија, разговараа и за искуствата од нивните земји, тамошната култура, меѓуетничките односи, енергетската криза, ЕУ интеграциите…
Зеленото сценарио не познава религија и етничка припадност
„Пред неколку години донесовме одлука дека ќе ставиме голем фокус на зелената иднина бидејќи во Западен Балкан, пред сè земјата од каде што доаѓам, меѓу ретките теми која обединува и која не прави разлика меѓу различните култури и етникуми се токму прашањата кои се однесуваат на екологијата и заштита на околината“, вели Бехариќ.
Тој додава дека голем број иницијативи дури и протести каде граѓани од различни етникуми се здружуваат со една цел, почиста средина и намалено загадување, против малите хидроцентрали кои го нарушуваат биодиверзитетот на околината, дејствуваат заедно и еднакво, а работатата на „Балкан Форум“ е да го обедини регионот особено на овие теми кои ги засегаат сите земји од Западен Балкан.
„Загадениот воздух нема граници, тој е загаден и цирклуира во секоја земја од Западен Балкан, но и надвор секако, па ги загадува и земјите од Европската Унија, токму затоа „Балкан Форум“ сплоти голем број на активисти, претставници на граѓанскиот сектор, академици, креатори на закони од регионот со цел дискусија и советување на локалните проблеми и изнаоѓање долгорочни решенија“, додава Бехариќ.
Во Западен Балкан ќе се развие енергетски туризам
„Пред извесен период зедов учество на Светскиот форум за демократија во Стразбур, тоа е глобален настан организиран од Советот на Европа на кој присуствуваа 900 претставници од секаде во светот, а една од најзначајните теми на која се дискутираше е безбедноста, не само во Европа поради руската инвазија врз Украина, туку и во целиот свет, а потоа беа хибридните напади и секако енергетската криза и последиците во секоја од земјите, покрај високите цени на енергенсите, тука е и големото штетно влијание на животната средина“, вели тој.
Бехариќ вели дека токму оваа криза ги тера луѓето да бараат алтернативи, па рече дека ние на Балканот можеме да очекуваме и развој на енергетски туризам, па на пример луѓето од Европа ќе доаѓаат во Црна Гора за да можат полесно да ја пребродат зимата бидејќи цените на струјата се пониски, но и температурите се повисоки во споредба со некои северни земји.
„Целокупната глобална ситуација ќе влијае на сите нас и не само оваа зима, туку и во следните шест до девет месеци кога според предвидувањата се очекува војната во Украина да трае, затоа треба да работиме заедно на сите полиња за пополека да ги решиме сите закани заеднички како шест земји од Западен Балкан“, додава тој.
Руското влијание доаѓа преку медиумите
Според него, руската агресија врз Украина веќе влијае на целиот свет, а ќе влијае и во иднина, особено на Балканот каде е познато дека се воделе многу војни и сè уште има конфликти, а руското влијание е особено истакнато во Србија и Босна и Херцеговина, најмногу преку медиумите, дезинформациите на целиот Балкан, што значи руската агресија не е само закана за Украина туку е агресија и врз земјите од Западен Балкан.
„На Русија најголеми сојузници се националистичките политички лидери кои ги има неколку во Западен Балкан и токму затоа треба да сме внимателни, мирот не е нешто со кое треба да се коцкаме исто како и демократијата и токму денеска можеме да видиме дека демократијата не е дестинација и цел, туку е патека која треба да се пешачи секој ден, а војната во Украина ни покажува што во некоја смисла фашизмот може да направи на глобално ниво“, вели Бехариќ.
Не постои подобра алтернатива од ЕУ
Според Бехариќ постои сериозна закана за мирот и безбедноста ако продолжат заканите со бомби во повеќето земји на Западен Балкан, бидејќи постојат политичари кои се коцкаат со мирот и ризикуваат нова војна или конфликт, бидејќи денеска војните може да се водат и без војници, на пример со дронови итн, како и да е затоа главната цел на Западен Балкан треба да е интеграција во НАТО, а исто така не постои и подобра алтернатива од ЕУ,
„Можеби во овие земји има приврзаници на Русија, но сепак тие не одат таму и не мигрираат таму, туку избораат западни земји каде го продолжуваат образованието, работат и ги ценат западните вредности каде се почитуваат човековите права, вредностите, заштитата и правата на секој граѓанин. Ако нашитеземји не се приклучат кон ЕУ, граѓаните сами ќе станат дел од Унијата“, заклучува тој.
Кои се целите на „Балкан Форум“
Иницијативата „Балкан форум“ беше лансирана на првиот годишен состанок одржан на 7-9 февруари 2013 година во Солун, Грција. Форумот собра различни чинители и лидери од Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Северна Македонија, Грција, Косово, Црна Гора и Србија. Над 50 учесници од граѓанското општество, приватниот сектор, академската заедница и владите работеа заедно за да генерираат идеи и иновативни стратегии за продлабочување на регионалната соработка и катализирање на економскиот развој, потпирајќи се на силните страни и компаративните предности на регионот.
Балканскиот форум за регионална соработка е меѓусекторска платформа за унапредување на одржлив и партиципативен развој. Тој го промовира Балканот како ефикасен корисник на ресурси, позелен и поконкурентен регион кој е базиран на соработка и разновидност.
Балканскиот форум цели кон поткрепување на силните страни на регионот и конкурентните вредности на секоја од земјите, цели кон катализација на иновациите и развојот во рамките на демократските вредности и закони. Балканскиот форум се труди да создаде нова визија за Западен Балкан врз основа на економска интеграција, просперитет и одржлив мир.
Што е LogEx?
Заедницата LogEx е основана во декември 2021 година. Тоа е партнерство помеѓу универзитети и академици, граѓански организации и бизнис актери од Западен Балкан и дијаспората во регионот.
Како разновидна заедница, LogEx работи на решавање на јазот помеѓу високото образование и пазарот за вработување во регионот и го олеснува заедничкото учење и соработка и работи на градење човечки капитал, зајакнување на кружната економија, намалување на невработеноста и миграцијата.
Исто така LogEx е конзорциум од различни организации со заедничка идеја како што е циркулатната економија, безбедноста и развива стратегии како да продолжи фокусот на овие теми, со цел да се промовираат за да се вклучат различни субјекти од општеството, како бизнис секторот, локалните власти, централните власти, со цел да се подобри законодавството како и мерките кои треба да бидат поддржани, но најмногу да се привлече вниманието на младите за да бидат посвесни за потенцијалот, личниот развој и секако вработувањето преку циркуларната економија, бидејќи ова е еден нов концепт кој допрва треба да се развива на Балканот, а сите овие земји имаат сличности околу заедничките цели, но и проблемите со кои се соочуваат и токму затоа се собравме тука за да дискутираме, а покрај организациите беа присутни и претставници од универзитети и експерти во областа.
Соња Танеска
камера и монтажа: Ариан Мехмети