Ќе се испитува загаденоста на почвата и подземните води на локалитетот Пеленица покрај Драчево, каде што е закопан опасен отпад линдан од ОХИС. Ова е прво испитување на состојбата со животната средина на овој локалитет, откако пред три години беше поставена ограда за да се спречи движењето во контаминираната област. Во Пеленица не се знае колкави количини отпад е закопан, ниту пак какво е неговото влијание врз животната средина. До скоро на јавноста воопшто и не и беше познато дека и тука има линдан, покрај големата и малата депонија кои се во дворот на некогашната хемиска фабрика.
Испитувањата на теренот, според информации од Државниот испекторат за животна средина, од каде направиле визуелен увид на работите на терен, ќе се спроведува во текот на оваа недела.
„Од 7 до 11 Ноември ќе се врши детално истражување на локалитет Пеленица со земање и анализа на примероци од почва и подземни води со цел да се утврди степенот и обемот на контаминацијата на локацијата со отпаден линдан. Компанијата Деконс Ема, заедно со подизведувачот TAUW од Холандија беа избрани на објавениот оглас за јавна набавка од страна на МЖСПП за да го спроведат ова истражување“, информираат од Инспекторатот и додаваат дека земањето примероци ќе го следи и ревизорски тим составен од професори од Институтот за Хемија на Природно-математичкиот факултет.
Опасноста која демне од локалитетот Пеленица, е тема на која Мета.мк пишуваше во повеќе наврати во изминатите четири години. Според информациите, се претпоставува дека линданот тука бил депониран во седумдесетите години од минатиот век од страна на ОХИС, откако било забрането неговото производство и употреба. Во меѓувреме, Пеленица била користена за организација на училишни екскурзии, пред да се загради и забрани движењето пред три години.
Линданот од Меѓународната асоцијација за истражување на канцер е класифициран во група 1 канцерогени супстанци со доволно докази дека предизвикува не-Хочкин лимфом. Тој е перзистентна хемикалија која долг временски период не се распаѓа во животната средина. Бидејќи е испарлива супстанца, се расејува од контаминираната почва и се содржи и во ПМ честичките. Изложеноста на линдан може да се појави од консумирање на контаминирана храна или преку дишење на воздух загаден со линдан. Хроничната (долготрајна) изложеност на линдан со вдишување кај луѓето се поврзува со заболувања на црниот дроб, крвта како и нарушувања на нервниот, кардиоваскуларниот, имунолошкиот и репродуктивниот систем.
извор: МЕТА