Вештачките акумулации низ земјава се полупразни со вода, а нивниот водостој е под повеќегодишниот просек за овој период од годината поради што и производството на електрична енергија од хидроелектраните во сопственост на АД ЕСМ е помало од нивниот вкупно инсталиран капацитет. Производството на струја од домашните хидроелектрани во услови на енергетска криза ќе биде значајно во претстојниот период, кога потрошувачката на електрична енергија во зимскиот период расте, а производството на струја се базира првенствено на термоелектрани кои користат опрема стара по неколку децении.
Мета.мк постави прашање до АД ЕСМ за тоа колкаво е моменталното ниво на водостојот на вештачките акумулации (Глобочица, Мавровско езеро, Дебарско езеро, Козјак, Света Петка и Тиквешко езеро), при што добивме информација од државната компанија дека хидроелектраните годинава досега дури и го надминале планираното производство на струја, но затоа пак водостојот во акумулациите е под повеќегодишниот просек во однос на нивото на водата.
„Моменталното ниво на акумулациите е 20 отсто од максималите коти, што е доста повисоко во однос на 2020 и 2021 год. кога беа околу 7 отсто, но пониски во однос на 2019 год. кога беа 25 отсто, 2018 кога беа 51 отсто и од повеќегодишниот просек што е исто така околу 44 отсто од максималните коти за овој период од годината“, информираат од АД ЕСМ.
На 10 ноември од АД ЕСМ ги добивме податоците дека дотогашното производство на струја од хидроелектраните изнесувало 790 гигават-часови електрична енергија, што претставува 103,3 отсто од планираното производство на хидроелектраните до овој момент и претставува 25,4 отсто од вкупното производство на АД ЕСМ.
Државната компанија од хидроелектраните планира до крајот на 2022 година да произведе 950 гигават часови електрична енергија. Ваквите резултати се повисоки од Планот за производство на струја од хидроелектраните за 2022 година, којшто е објавен за годинава на веб-страницата на МЕПСО и којшто предвидува до крајот на годинава да се добијат 879 гигават часови електрична енергија.
Сепак, од податоците на веб-страницата на АД ЕСМ може да се увиди дека потенцијалот на изградените хидроелектрани на сливовите на реките Вардар и Црн Дрим се проценети на вкупно годишно производство на струја од 1.417 гигават часови на електрична енергија, што е помалку од планираното годинешно производство од 950 гигават часови.
На прашањето за тоа колкаво количество на електрична енергија би можеле да произведат хидроелектраните во моментов врз основа на актуелниот водостој на вештачките акумулации, односно колкава е ангажираната можност на хидроелектраните во моментов наспроти нивната вкупна моќност, од АД ЕСМ велат:
„Дневно просечно производство е околу 2 GWh, најчесто се користи кога потрошувачката на енергија е најголема, како и за балансирање на системот, а тоа е околу 15 отсто од вкупната количина електрична енергија што може да ја произведат“.
Мета.мк во период подолг од еден месец, во три наврати направи фотографии од дел од вештачките акумулации во земјава. На 24 септември годинава го фотографиравме Дебарското езеро, од кои може да се види дека акумулацијата е испразнета, односно наместо езеро, под Мелничкиот мост на патот Маврово-Дебар тече реката Радика. На 15 октомври го фотографиравме и полупразното корито на езерото Козјак, додека на крајот од октомври го фотографиравме и празното корито на Глобочица.
„Владата имајќи ја предвид кризната состојба прогласена во делот на енергетиката, заклучи да му препорача на Акционерското друштво Водостопанство на Република Северна Македонија, во државна сопственост, Скопје, водата од 22 акумулацијата Тиквеш да ја користи рационално за наводнување до крајот на годината, а ресурсите да се користат за производство на електрична енергија“, се наведува во Записникот од оваа владина седница.
Хидрологот Васко Стојов од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) за Мета.мк вели дека гледано од хидролошка страна, 2019, 2020 и 2021 година биле со подпросечни врнежи или блиску до просекот, а протекувањата на водите низ реките генерално биле под просекот.
„Оваа година врнежите беа за малку подобри, забележано е дека првиот дел од годината повеќе врнежи во однос на останатиот дел, но фактот дека подолг период (2019, 2020, 2021) имавме мал дотек на вода од врнежи потребно е повеќе време за да се наполнат подземните природни резервоари за да се забележат промени и кај површинските води. Поради ова можеме да кажеме дека во моментов хидролошката состојба е подпросечна блиску до просекот“, појаснува Васко Стојов од УХМР.
Тој додава дека водостоите кај реките и езерата директно зависат од врнежите, но и од резервите на вода во подземјето. Водостоите кај одредени водни ресурси зависат и од искористувањето на нивните водни резерви, па така во зависност од врнежите беа и самите различно користени. Стојов објаснува дека земјоделците помалку користат вода во услови на врнежи, но користењето на водите за производство на електрична енергија зависи од самото менаџирање на електро системот во државата.
Мета.мк веќе пишуваше во однос на податоците за врнежите објавени од Државниот завод за статистика (ДЗС) дека поради климатските промени се појавуваат подолготрајни периоди низ годината без врнежи кои доведуваат до сушни периоди, по кои следуваат врнежливи денови со големо количество на воден талог што би можело да предизвика поплави или други штети.
Инаку, најдрастичен пример во минатото кога хидроелектраните беа бескорисни за енергетскиот систем на земјава беше состојбата пред две години, кога неопходно беше привремено да се запре производството на електрична енергија од хидроелектраните. На почетокот на ноември 2020 година, Владата на РСМ ја донесе ваквата одлука поради заштитата на животната средина и биодиверзитетот во акумулациите низ земјава. Тогашните нивоа на водата во акумулациите сепак беа многу пониски од актуелните податоци со кои располага АД ЕСМ.
Штедењето на струја од институциите, граѓаните и компаниите е клучно
Поради полупразните акумулации на хидроелектраните и ограничените можности за производство на струја, во претстојниот период се актуелизира потребата од почитување на 29-те препораки за штедење на струја за домаќинствата, коишто ги објави Владата на 16 август годинава, заедно со 12-те препораки за штедење објавени за бизнис заедницата.
За институциите, вклучувајќи ги министерствата и другите државни институции, јавните претпријатија и општините, се предвидуваат конкретни задолженија, кои предвидуваат намалување на потрошувачката на енергија за 15 отсто за секој месец од годинава во споредба со истиот месец од претходната година.
извор: МЕТА