Почна “натпреварот” на Скопје и другите населени места низ земјава во рушењето на светските рекорди по загадување на воздухот. И додека податоците на сајтот „Iqair“ покажуваат дека Скопје е на светскиот врв според аерозагадувањето заедно со азиските градови како Њу Делхи, Ханој, Лахоре или Калкута и градовите од соседството како Сараево и Белград, најновите статистички податоци покажуваат дека Македонија руши и историски рекорди во потрошувачката на дизел гориво во патниот транспорт.
Потрошувачката на дизел горивото во патниот транспорт во 2021 година се искачила на дури 597.256 тони, што е убедливо најголема бројка која што го надминува претходниот рекорд од 2018 година, кога возилата низ земјава успеале да потрошат околу 584.300 тони дизел гориво. Според податоците на Државниот завод за статистика, лани возилата согориле 89.323 тони моторен бензин, додека во патниот транспорт се потрошил течен нафтен гас (ТНГ) во износ од 50.611 тони.
Доколку се погледнат податоците од 2006 година до денес, може да се увиди дека надвор од сите директиви и рестрикции што ги воведува ЕУ во нејзините земји-членки, потрошувачката на дизел гориво во транспортот во Македонија е зголемена за над три пати, иако дизел горивото е голем загадувач на воздухот. Истовремено, потрошувачката на моторниот бензин во транспортот е намалена за околу 10 отсто, додека користењето на плинот по рекордниот раст во 2018 година, веќе втора година по ред има намалена потрошувачка кај македонските возила.
Инаку, Мета.мк веќе подолг период наназад пишува дека бројот на возила што се регистрирани во земјава незапирливо расте, при што најголемиот дел од нив се половни возила увезени од странство со мотори кои задоволуваат пониски ЕУРО стандарди за емисија на издувни гасови. Истовремено, просечната старост на возилата во континуитет расте, па така автомобилите што лани сообраќале по патиштата во просек биле стари 19,5 години.
Во повеќе наврати пишувавме и за потребата од воведување на забрана за увоз на половни возила од странство со под ЕУРО 5 стандарди на емисија на издувни гасови, како и за еколошките налепници што беа ветени за возилата пред четири години и никогаш до сега не профункционираа.
Од Министерството за економија на почетокот од ноември годинава повторно побаравме информации за тоа кога би можело Владата да ја донесе одлуката за заострување на критериумите за увоз на половни возила и од кој датум би стапила на сила ваквата забрана за увоз на возила со под ЕУРО 5 стандарди, но Мета.мк не доби одговори на овие прашања.
Од Владата на РСМ и од Министерството за економија летово последен пат за Мета.мк информираа дека македонската јавност ќе биде благовремено известена кога извршната власт ќе ја донесе ваквата забрана, заедно со датумот од кога истата би стапила на сила.
Инаку, помина повеќе од една и пол година откога министерот за економија Крешник Бектеши во јануари 2021 година вети дека ќе се воведе забрана за увоз на половни возила што се произведени во периодот пред 2011 година.
Иако ваквото ветување беше речено дека ќе се спроведе во 2021 година, измина ланската година, при што спроведувањето на забраната се одложи за во 2022 година, но и годинава ваквото владино ветување за забрана за увоз на возила со под ЕУРО 5 стандарди досега не е реализирано на дело.
Во истражувањето за проектот „Справување со загадувањето на воздухот во градот Скопје“ што се спроведуваше од октомври 2020 до декември 2021 година, се утврди дека биомасата, односно греењето на дрва, е најзначаен извор на загадувањето на воздухот во Скопје во зимските месеци. Сепак, сообраќајот, заедно со индустријата и согорувањето на нафта и мазут се извори на загадување во текот на целата година. Па така, истражувањето откри дека сообраќајот е вториот најважен извор на загадување на воздухот на мерното место во населбата Ново Лисиче, додека во Карпош транспортот има помал удел во аерозагадувањето.
избор: МЕТА