Публикацијата „Зелена читанка“, во издание на ЦИВИЛ, во соработка со Фондацијата Хајнрих Бел, е резултат на работата на истоимениот проект наменет за развој на ресурсите и граѓанска едукација засновани на факти за зелените прашања и зелените вредности. Целта на публикацијата е, на лесно разбирлив начин, да придонесе кон подобрување на нивото на знаења за зелените прашања и зелените вредности. „Зелена читанка“, во електронска и печатена форма, е наменета за широк спектар на читателки и читатели, а особено може да биде корисна за носителите на одлуки и нивните тимови за односи со јавноста, граѓанските организации, институциите и медиумите за почетно, но и продлабочено запознавање со зелените прашања.
Во таа насока, Зелен ЦИВИЛ ја презентираше и промовираше публикацијата „Зелена читанка“ во Општина Чашка. На средбата со градоначалникот се разговараше и за зелените прашања и зелените вредности, како и за проектите на кои работи Општината во контекст на Зелената агенда.
Градоначалникот Горан Стојановски зборуваше за зелените политики во општината осврнувајќи се на најголемиот проблем за Чашка, а тоа е спроведување на фекална канализација во селата Горно и Долно Јаболчиште.
„Најголемиот проблем е со фекалната канализација во селата Горно и Долно Јаболчиште каде што живеат половина од граѓаните на Општина Чашка. Направен е проект, донација од Биро за регионален развој. Вредноста на проектот беше 2,4 милиони евра за изработка на проектна документација за фекална канализација со пред третман на води, со пречистителни станици затоа што под нив се наоѓа хидро системот Лисиче од кој што се водоснабдува градот Велес. Ситуацијата е многу алармантна. Ако не се направи нешто во наредниот период, може да се доведе во прашање водоснабдувањето и целата инвестиција што е вложена во тој хидро систем. Тука треба Владата да се ангажира затоа што се работи за голем проблем за градот Велес затоа што тие фекалии што се слеваат во хидро системот како и енормно зголемување на рибниот фонд кој, исто така, е загадувач на водата. Тоа може да доведе до еколошка катастрофа. Ако во наредните 5 до 10 години не се среди тоа, ќе нема систем или механизам што ќе ја прочистува водата“, изјави градоначалникот.
Градоначалникот изјави дека се прават напори оваа состојба да се надмине во периодот што се следува и дека и другите зелени политики, како инсталација на фотоволтаици и инвестирање во таквите проекти.
Зелен ЦИВИЛ остави повеќе примероци на печатеното издание на „Зелена читанка“ со надеж дека ќе бидат, како едукативен и информативен материјал, доставени до граѓанките и граѓаните, граѓанските организации и на сите оние што ќе им послужи за подобро запознавање со зелените прашања.
Публикацијата е објавена на 134 страници и содржи 34 текстови со повеќе од стотина поими од областа на зелените прашања. Публикацијата е конципирана на тој начин што остава можност за проширување и осовременување на материјата во иднина. Објавена е на македонски и албански јазик и може да се преземе од greencivil.mk.
This post is also available in: Albanian