Публикацијата „Зелена читанка“, во издание на ЦИВИЛ, во соработка со Фондацијата Хајнрих Бел, е резултат на работата на истоимениот проект наменет за развој на ресурсите и граѓанска едукација засновани на факти за зелените прашања и зелените вредности. Целта на публикацијата е, на лесно разбирлив начин, да придонесе кон подобрување на нивото на знаења за зелените прашања и зелените вредности. „Зелена читанка“, во електронска и печатена форма, е наменета за широк спектар на читателки и читатели, а особено може да биде корисна за носителите на одлуки и нивните тимови за односи со јавноста, граѓанските организации, институциите и медиумите за почетно, но и продлабочено запознавање со зелените прашања.
Во таа насока, Зелен ЦИВИЛ ја презентираше и промовираше публикацијата „Зелена читанка“ во Општина Неготино. На средбата со градоначалникот се разговараше и за зелените прашања и зелените вредности, како и за проектите на кои работи Општината во контекст на Зелената агенда.
Градоначалникот Горан Стојанов зборуваше за зелените политики во општината осврнувајќи се на најголемиот проблем за Неготино, а тоа е регулација и одложување на отпад. Као што истакна, се прават напори да им се објасни на граѓаните во Неготино, но и Мечкуевци за предноста од модерна депонија и од пречистителна станица, нешто што до сега жителите не сакаа да го имаат во својата општина.
Зелен ЦИВИЛ остави повеќе примероци на печатеното издание на „Зелена читанка“ со надеж дека ќе бидат, како едукативен и информативен материјал, доставени до граѓанките и граѓаните, граѓанските организации и на сите оние што ќе им послужи за подобро запознавање со зелените прашања.
Публикацијата е објавена на 134 страници и содржи 34 текстови со повеќе од стотина поими од областа на зелените прашања. Публикацијата е конципирана на тој начин што остава можност за проширување и осовременување на материјата во иднина. Објавена е на македонски и албански јазик и може да се преземе од greencivil.mk.
This post is also available in: Albanian