Публикацијата „Зелена читанка“, во издание на ЦИВИЛ, во соработка со Фондацијата Хајнрих Бел, е резултат на работата на истоимениот проект наменет за развој на ресурсите и граѓанска едукација засновани на факти за зелените прашања и зелените вредности. Целта на публикацијата е, на лесно разбирлив начин, да придонесе кон подобрување на нивото на знаења за зелените прашања и зелените вредности. „Зелена читанка“, во електронска и печатена форма, е наменета за широк спектар на читателки и читатели, а особено може да биде корисна за носителите на одлуки и нивните тимови за односи со јавноста, граѓанските организации, институциите и медиумите за почетно, но и продлабочено запознавање со зелените прашања.
Во таа насока, Зелен ЦИВИЛ ја презентираше и промовираше публикацијата „Зелена читанка“ во Општина Штип. На средбата со градоначалникот се разговараше и за зелените прашања и зелените вредности, како и за проектите на кои работи Општината во контекст на Зелената агенда.
Градоначалникот Иван Јорданов зборуваше за зелените политики во општината осврнувајќи се на најголемиот проблем за Штип, а тоа е водоснабдувањето. Како што вели, недостасуваат средства за замена на водоводните цевки бидејќи се азбестни и штетни за здравјето на луѓето, но истовремно општината е партиски поделено општество кое не доаѓа до решение. Проблемот на Штип со уличните кучиња е, исто така, нерешен затоа што некои од здруженијата за животни во општината го попречуваат процесот.
Зелен ЦИВИЛ остави повеќе примероци на печатеното издание на „Зелена читанка“ со надеж дека ќе бидат, како едукативен и информативен материјал, доставени до граѓанките и граѓаните, граѓанските организации и на сите оние што ќе им послужи за подобро запознавање со зелените прашања.
Публикацијата е објавена на 134 страници и содржи 34 текстови со повеќе од стотина поими од областа на зелените прашања. Публикацијата е конципирана на тој начин што остава можност за проширување и осовременување на материјата во иднина. Објавена е на македонски и албански јазик и може да се преземе од greencivil.mk.
This post is also available in: Albanian