„Првиот чекор за борба против загаденоста, е мерење на степенот на загаденост. За жал, тука сме многу слабо опремени, особено во Скопје. Мерењето на загаденоста во Скопје се сведува на неколку професионални мерни станици, кои не се сервисирани, не им се знае точноста, и на некои аматерски извори“, вели Ванчо Орданоски од ИнфоПроект, кои преку проектот Екомонитор, има цел да овозможи граѓаните и институциите да имаат целосен и точен преглед на загадувањето на воздухот и други параметри кои влијаат на животната средина и квалитетот на живеење.
„Клучно е да се овозможи стандардизирано, редовно и научно издржано мерење на загаденоста на воздухот“, вели Орданоски, додавајќи дека давање заклучоци на ненаучни и технички неиздржани извори можат да нанесат и финансиска штета на граѓаните.
Орданоски ги поздравува напорите на граѓаните самостојно да придонесат со мерни станици да го одредат степенот на загаденост, но тоа аматерско мерење не дава точни резултати, па се појавуваат нереално високи бројки.
„Уште еден факт ќе наведам. Лабораторија за калибрирање на сензори што се употребуваат за загаденост на воздух не постои. Не само што не постои во Македонија, туку од Австрија надолу нема таква лабораторија. Соседните земји сигурно немаат. Значи не само што ги немаме доволно, туку и тие мерни станици што ги имаме нема кај да ги калибрираме. Еден од проблемите што мора да се адресира е калибрацијата на уредите. Исто така, густината на мерните станици мора да биде поголема, односно да бидат погусти за да се добие поиздржана информација за степенот на загаденост“, вели Орданоски.
“Министерството за животна средина се обидува, но не се решителни. Мора да се воспостави стандард, да се прифати европскиот стандард, да се едуцираат граѓанските здруженија, да се вложи во процесот. Има општини што се модели на добра опременост, како Прилеп, Куманово, но Скопје не е меѓу нив. Волонтеризмот нема место во професионализмот. Не е поентата да се купи од Али Експрес мерна станица и да се заврши работата. Со неточно мерење само финански штети правиме“, изјави Орданоски.
Биљана Јордановска
камера: Александар Ризински
монтажа: Ариан Мехмети