За справување со арсенот како жешка еколошка точка во Лојане и Табановце годинава најпрво ќе се изработи План за управување со ова контаминирано подрачје, а потоа и ќе се спроведе оградување и покривање на расфрланите количества арсен, антимон и други отпадни минерални суровини на депониите во Лојане и Табановце. Ова го најавуваат од Министерството за животна средина и просторно планирање. Сепак, Трајче Стафилов, долгогодишен професор и истражувач од Институтот по хемија за Мета.мк вели дека арсеновиот концентрат мора најпрво да се отстрани од двете локации, а дури потоа да се покрие преостанатата јаловина.
Министерот за животна средина Насер Нуредини на крајот од минатата година изјави дека од буџетот на ова министерство за 2023 година се обезбедени 14 милиони денари за оградување и покривање на депонијата со арсен, која што е лоцирана во поранешниот рудник „Лојане“, на само 100-тина метри од основното училиште „Рилиндја“.
Од Министерството за животна средина и просторно планирање за Мета.мк објаснуваат дека најпрво ќе се изработи Планот за управување со контаминирано подрачје за оваа локација, врз основа на новите одредби од Законот за животна средина. За изработка на овој план ќе биде распишана јавна набавка, а изготвувањето на тендерската документација ќе започне на почетокот од годинава.
Во Планот за управување со контаминирано подрачје ќе биде вклучено не само јаловиштето во рудникот во Лојане, туку и депонијата со арсен што се наоѓа до железничката станица во Табановце. Од ова Министерство појаснуваат дека во процесот ќе се потпираат на изработената Физибилити студија од чешката компанија DECONTA, која во 2007 година дала неколку опции за ремедијација на контаминираното подрачје на поранешниот рудник.
„Планот, меѓу многу активности ќе вклучи и проект за ремедијација со мерки, активности и видови на субјекти, меѓу кој и оградувањето и покривањето на депонијата, како кратко решение во моментот“, информираат од Министерството за животна средина и просторно планирање.
Ваквиот епилог следи откако поранешниот турски концесионер се откажа од концесијата, а токму тој требаше да биде вклучен во опцијата за реупотреба на материјалите – отстранување на арсенот од локацијата преку негова експлоатација. Поради ова, сега ќе се оди на реализација на краткорочно решение, кое што исто така било дадено како предлог во физибилити студијата.
Ова решение подразбира покривање со земја на расфрланиот арсен, оградување на просторот и поставување на предупредувачки табли, за да се спречи пристап до арсенот од страна на лица и добиток.
Мета.мк го праша и Министерството за економија до каде е постапката на изработка на физибилити студија за доделување на нова концесија за експлоатација на арсенот од поранешниот рудник „Лојане“ и кога ќе се избере нов концесионер.
„Министерството за економија има започнато постапка односно е во фаза на прибирање на мислење од надлежните органи на државна управа и единицата на локална самоуправа согласно Законот за минерални суровини, по комплетирање на сите мислења Министерството за економија ќе отпочне постапка за изработка на физибилити студија за економска оправданост за доделување под концесија за експлоатација на техногена минерална суровина на локалитет „Лојане“ општина Липково“, информираат за Мета.мк од Министерството за економија.
Имено, преку ова министерство најпрво ќе треба да се определи оправданоста за распишување на јавниот повик за избор на нов концесионер што би го експлоатирал арсенот, односно дали би имало финансиски бенефит за компанијата од отстранувањето на арсенот од локацијата преку негова продажба во странство. Сепак, не добивме конкретен одговор од Министерството за економија до кој период во 2023 година би се завршила изработката на физибилити студијата и би следел изборот на нов концесионер.
По пишувањата на Мета.мк и Порталб.мк, за проблемот со арсенот како жешка еколошка точка во Лојане и Табановце, реагираше и Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС), кој во два наврати во 2021 и 2022 година апелираше до Министерството за животна средина да обезбеди средства за прописно оградување и означување на арсенот, како и за ремедијација на теренот во Лојане и Табановце.
Илјадници жители од селата Лојане, Ваксинце и Табановце со децении наназад се трујат со арсен и други отпадни минерални суровини од поранешниот рудник „Лојане“. Мета.мк и Порталб.мк пишуваа дека на двете локации во Лојане и Табановце има огромна опасност, како за луѓето и добитокот кои непречено се движат на локациите, така и за производството на храна, бидејќи на околните ниви се одгледуваат разни земјоделски култури.
На локацијата до јаловиштето со арсен во рудникот „Лојане“, настава посетуваат деца од основното училиште „Рилиндја“, кои се во голема опасност од неоградената локација. Исто така, фреквенција на луѓе има и кај железничката станица во Табановце, која во иднина треба да прерасне во заеднички железнички граничен премин на Македонија и Србија, каде што на едно место ќе се врши полициска, царинска и фитосанитарна контрола на патниците и товарот.
Трајче Стафилов, долгогодишен професор и истражувач од Институтот по хемија, во изјава за Мета.мк објаснува дека час поскоро мора да се најде решение за арсенот лоциран во Лојане и Табановце. Штом престанал со работа некогашниот рудник „Лојане“ во 1979 година, неизвезени во Лојане останале 15.000 тони чист арсенов концентрат, кој во себе има присуство на дури 40 отсто арсен.
Овој опасен арсенов концентрат кој е лоциран во јаловиштето во Лојане и до железничката станица во Табановце ќе мора да се отстрани и безбедно да се извезе од земјава, пред да започне било какво покривање на јаловиштето. Стафилов вели дека покрај овој арсенов концентрат, во јаловиштето во „Лојане“ има и околу половина милион тони на депонирана јаловина, која настанала за време на работењето на рудникот и која во себе содржи 1-2 проценти на арсен и уште толкав процент на антимон.
Овој дел од јаловината со пониска концентрација на арсен и антимон би можело да се покрие како едно од можните решенија на проблемот, но претходно, посочува Стафилов, мора да се пронајде решение за отстранување од локацијата на арсеновиот концентрат, односно тој да се извезе надвор од земјава. Тој вели дека на двете локации во Лојане и Табановце повеќе од 43 години арсенот се шири во подземните и надземните води, почвата и воздухот.
Професорот Трајче Стафилов критикува дека за експлоатацијата на арсенот веќе беше избран турски концесионер, кој имаше обврска да го извезе арсеновиот концентрат надвор од Македонија. Стафилов додава дека концесионерот си заминал без исполнување на обврската и со плаќање на симболична сума на отштета, а никој не го принудил концесионерот да ја исполни обврската што си ја презел.
Професорот Стафилов појаснува дека проблемот што се појавува со текот на времето е што земјите многу тешко даваат дозвола за транспорт на опасен отпад, кој треба да се пакува на посебен начин, како што сега се прави со третманот на линданот во малата депонија во ОХИС.
Сепак, концентратот со 40 отсто арсен во него мора да се спакува и да се извезе, дециден е тој.
„Ова мора да се спакува и некаде да се однесе. Тој е концентрат, тој не може да го покриеш“, предупредува Стафилов.
Тој појаснува дека во некои земји од ЕУ се направени депонии за опасен отпад, каде што ваквиот отпад се сместува по сите прописи и ЕУ има посебна регулатива за ваков отпад. Во такви случаи, опасниот отпад се складира под бетонска подлога, мора да се постави водонепропустлива мембрана или да се имплементираат слични стриктни процедури за обезбедување на соодветно складирање, секако во зависност од тоа за каков конкретен опасен отпад станува збор.
извор: МЕТА