„Еден од поголемите проекти на Министерството за животна средина е изградбата на пречистителната станица за вода во Скопје“, рече министерот Насер Нуредини на вториот панел „Капитални и инфраструктурни проекти за подобар квалитет на живот и развој на културата во услови на криза“ од годишната конференција „Година за нови можности“.
Тој кажа дека средства се обезбедени со помош на Европската банка обнова и развој, но и буџетот од државата.
„Обезбедени се 126 милиони евра од ЕБОР и грант од 70 милиони евра од Европската унија. Тоа е инфраструктурен објект кој е неопходен за главниот град и нашата земја. Имаме и друг грант од Европската банка за развој за помош на општините за канализации и питка вода“, рече Нуредини.
Според него, соработката со локалната самоуправа е многу потребна, бидејќи без нив ниту еден проект не може да се почне.
„Тоа се институции кои ја подготвуваат документацијата, а ние сме како надзор, предлагаме средства, политики и закони, но не можеме да кажеме што е потребно за локалното место, питка вода, каква канализација. Како Влада немаме одбиено такви проекти, важно е да имаат добри проекти и документација, за средства од нашиот буџет и од ИПА фондовите. Задолжително е да се има соработка со секоја општина и како Влада покажавме дека сме отворени со сите општини без разлика од која партија е градоначалникот“, рече Нуредини.