„Првата, можеби и најважна перспектива во трансформацијата на економиите е тие да вложуваат во креирање на производи кои имаат поголема долготрајност и истовремено да можат да се рециклираат за целиот циклус да биде одржлив. Клучен момент во овој процес е и нашето вложување во енергетска ефикасност и производство на енергија од обновливи ресурси. Забрзаното напуштање на фосилните горива е клучниот и највиталниот аспект на зелената транзиција. Ова вклучува проширување на употребата на соларна, ветерна и хидро енергија, како и инвестирање во енергетски ефикасни технологии и инфраструктура, иатакна вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи во првата сесија „Трансформација на економијата на локално и национално ниво: Стратегии, предизвици и перспективи на циркуларната економија“ на конференцијата на ЦИВИЛ под наслов „Визии за зелена иднина: Партнерство за циркуларност“.
Министерка за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова нагласи дека евидентен е фактот дека живееме во свет во кој еколошката криза, глобалната геополитичка динамика, политичките турбуленции и тековната трансформација на моделите на производство и потрошувачка се алармантни.
„На глобално ниво се говори дека ова е крај на вообичаениот бизнис. Едноставно, не можеме да продолжиме со праксата која вклучува 30% од населението да биде без пристап до основните услуги за управување со отпад, а од друга страна со апатија да го следиме растечкиот број на диви депонии кои стануваат опасност за здравствената состојба.
Ние како Влада го препознаваме непотребното создавање на отпад при секојдневното консумирање на производи, како и финансиските, еколошките и социјалните трошоци на создавањето на непотребен отпад и потребата за соодветно управување со нашите лимитирани ресурси. Од тука првичен фокус ставаме на превенцијата – спречување на создавањето на отпад. Донесен е и првиот „План за спречување на создавање на отпад на Република Северна Македонија за 2022- 2028“ со кој се демонстрира, на национално ниво, заложбата на земјата за намалување, од година во година, на количината на отпад што ја создаваме. Успешната реализација на овој план зависи од тоа дали ќе бидат покриени повеќе сектори и дејности, a планот треба да биде катализатор за развој на нови, иновативни партнерства помеѓу различните сектори што ќе бидат посветени на спречувањето на создавањето отпад“, рече Шукова.
Овој настан е дел од големата регионална иницијатива за одбележување на Неделата на циркуларна економија на Западен Балкан (22-26 мај 2023) под мотото „Партнерство за циркуларност“ што го спроведува регионалната мрежа ЛогЕкс, на иницијатива на угледната тинк-тенк организација Балкан Форум од Косово, а со поддршка од Rockefeller Brothers Fund од САД.
Д.М.