Технологијата, иновациите, науката ставена во функција на бизнисот се секогаш интересни и актуелни теми. Развојниот пат на првата термоцентрала на биогас во Македонија за производство на електрична енергија ја раскажа генералниот директор на „Везе Шари“, Абдулезел Догани, кој објасни на кој начин компаниите „Везе Шари“, „Лекер“, „Електро Шари“ како и новата инвестиција „Голден ленд“ кај Прилеп, креираат еден затворен систем на современа циркуларна економија.
Капацитетот на објектот за производство на електричната енергија е 1 мегават на час, односно 8.760.000 киловат часови годишно.
„Како суровина за производство на електрична енергија се користи отпадот и нус-производите од фармата Везе Шари како и другиот отпад од земјоделство од околните земјоделци, но и од фармата за говеда во Прилеп бидејќи во моментот сè уште не е изградена новата биогасна централа во овој дел. Во „Електро Шари“, отпадот не се третира како отпад, туку како обновлив извор на енергија, од кој по согорување на метанот се добиваат електрична и топлинска енергија. Остатокот по ферментацијата се обработува повторно за производство на органско ѓубриво-подобрувач на својствата на земјиштето во количина од 8.000 тони годишно. Органското ѓубриво НАТУРПУР како производ е одобрен и регистриран во соодветните институции и истиот е одобрен за извоз во земјите на Европската унија со исполнување на највисоките меѓународни стандарди за квалитет и безбедност на здравје и животна средина“, појаснува Догани.
Тој додава дека идејата за биогасната централа се родила кога забележале дека при развојот на живинарската фарма со околу 20.000 кокошки несилки на почетокот, чиј број потоа расте до денешните 120.000, се создава отпад од фецесот кој не може почвата да го апсорбира и токму затоа идејата и оптимизмот, но и визијата го мотивираат сопственикот Арбен Абдурахмани да ја изгради биогасната централа во 2013 година за да се затвори процесот на функционирање на компаниите во склоп на принципите на циркуларната економија.
„Кокошките постојано произведуваат ѓубре. Зошто да се фрла и тоа. Во една фаза „Везе Шари“ влезе и во друга инвестиција па со субвенции од државата, почна да функционира биогасната централа „Електро шари’, вели Догани.
Тој вели дека вишокот струја се вклучува на мрежата на ЕВН, но кога цената на берзите расте или пак има недостаток како изминатата зима целосно ги задоволува потребите на компанијата, а она пак што се добива и како бенефит од производствениот процес е топлината која се користи во трите компании, но и во управниот дел на зградите за што не се трошат дополнителни средства од буџетот на компанијата.
„Имавме неколку обиди да ја понудиме оваа топлинска енергија на училишта и болници, но и домовите на околните жители, кои се наоѓаат во Тетово и тоа бесплатно, но не наидовме на разбирање од властите бидејќи според нив скапа ќе била инвестицијата оваа топлина да се донесе до објектите. Според мене понекогаш вреди да се инвестира во инсталација која ќе им служи на граѓаните бидејќи заштедите за користење деривати за загревање, а и струја се огромни на долгорочен период“, појаснува Догани.
Тој додава дека последните две години ги покажале недостатоците, особено во енергетскиот сектор кога се појави енергетската криза, а можеме да заклучиме дека ние во Македонија имаме енегргија која некаде ни лежи, дали се работи за сончевата, ветерот или пак ѓубрето сепак треба да се размислува на алтернативните начини на производство.
„Фотоволтаиците на пример имаат ограничен начин на производство, секако дење произведуваат, додека пак ноќе не постои начин за производство на струја, слично е и производството на енергијата од ветер. Сепак тие се добри алтернативи, но според мене биогасните централи сепак нудат постабилно производство на струја, но за да се мотивираат повеќето фирми потребна е надградба на електричната мрежа за да може да ја прими произведената струја, но и поголема либерализација на пазарот и во однос на документацијата и во однос на цените. Факт е дека има многу отпад во државата и факт е дека на овој начин не само што ќе се заштити животната средина, туку и граѓаните ќе видат бенефит од тој отпад кој во моментот завршува на депониите“, додава тој.
„Везе Шари“ не е целосно македонска инвестиција. Пред да ја отвори фармата во тетовското село Требош, Абдурахмани работел во Германија, па дел од влогот е и на германскиот партнер, а германското искуство на сопственикот сепак се покажа како голема предност подоцна во градењета на компанијата.
„Везе Шари“ е извозна компанија, а извозот во најголем дел е во Хрватска и во Грција. По одобрението од Американската војска, компанијата станала добавувач и на НАТО.
Догани е дециден дека компаниајта се развивала и оти постојано е фокусирана на модернизација и на новите технологии.
„Да функционираш без модерната технологија, тоа е невозможна мисија. Во „Везе Шари“ еден човек го контролира комплетното производство на смена, или тројца луѓе ја вршат контролата во текот на 24 часа. А таа технологија не функционира без користење на алатки. Мора да имате фантастичен интернет, за да може цело време да вршите мониторинг на производството. Мора да користите и мобилни телефони бидејќи од тука се врши централната координација на сето тоа што се случува во фирмата“, вели Догани.
Тој исто така додава дека во државата не се проблем парите што треба да се вложат во бизнисот, туку недостатокот на работната сила, особено квалификуваната, но и реформи во образованието.
Соња Танеска
видео и монтажа: Ариан Мехмети
Фотографија: Биљана Јордановска