Во согласност со амбицијата на ЕУ да стане климатски неутрална до 2050 година, Западен Балкан исто така се обврза да постигне јаглеродна неутралност до 2050 година и да се усогласи со клучните елементи на Европскиот зелен договор со одобрување на Зелената агенда за Западен Балкан (GAWB) на Самитот во Софија во 2020 година, а потоа и Акциониот план GAWB, на Самитот во Брдо во октомври 2021 година.
Регионалниот совет за соработка го координираше процесот на изготвување на Декларацијата и Акциониот план за Зелената агенда на Западен Балкан, врз основа на интензивни консултации со сите засегнати страни, за да се идентификуваат конкретни чекори, организации и структури за поддршка и индикативна временска рамка за секоја мерка што треба да се спроведе.
Главната цел е да се постигне јаглеродна неутралност до 2050 година и да се усогласи со клучните елементи на Европскиот зелен договор. Целите се чистење на изворите на енергија и заштита на климата, премин кон циркуларна економија, борба против загадувањето на воздухот, водата и почвата, градење одржливи системи за земјоделство и храна и заштита на биодиверзитетот и екосистемите.
Акцискиот план на GAWB предвидува 58 акции и 7 патокази за имплементација кои се фокусирани на: климатска политика, одржлива енергија, одржлива мобилност, циркуларна економија, борба против загадувањето, одржливо земјоделство и снабдување со храна и заштита на природата и биодиверзитетот. Меѓу другото, Планот предвидува усвојување на целите на енергетската и климатската политика до 2030 година, кои вклучуваат цени на јаглеродот, планови за постепено укинување на јагленот, контрола на загадувањето, заштита на природата и биолошката разновидност, регионална интеграција и индикативна временска рамка за усогласување со Систем за тргување со емисии на ЕУ од 2024 година.
Северна Македонија е дел од Зелената агенда за Западен Балкан, а зелените политики во измината година ги води во правец на обновливи извори на енергија (фотоволтаици, ветерници), инвестирање во зелени бизниси и подготовка на Закон за климатска акција. Нацрт-предлог Законот за климатска акција е во постапка, а во него ќе бидат уредени воспоставувањето на рамка за климатска акција за намалување на емисиите на стакленички гасови во атмосферата и отстранување по пат на природни и други апсорбенти, како и адаптација кон климатските промени. Министерството за животна средина и просторно планирање за неговата достапност извести на 31 јули 2023.
Законот за климатска акција своите почетоци ги има од 2019 година, а пред пратениците во Собранието требаше да се најде во 2021 година. Една од причините беше и усогласувањето и адаптирањето на решенијата на национално ниво со новата ЕУ регулатива во 2022 година. Усвојување на законот редовно бара и Европската Комисија преку своите Извештаи за реформскиот напредок на земјава.
„Во септември 2021 година беа донесени Долгорочната стратегија за климатска акција и нејзиниот акциски план. Неколку документи беа изготвени како алатки за поддршка за спроведувањето на ревидиран Национален придонес за климатски промени. Продолжи работата за ажурирање на инвентарот на стакленички гасови, како и активностите за развивање платформа за следење, известување и верификација. На 31 мај беше донесен Националниот план за енергија и клима. Останува да се донесе Законот за климатска акција. И покрај преземените заложби капацитетот во однос на човечки и на финансиски ресурси останува слаб“, се вели во последниот извештај на ЕУ за Северна Македонија за 2022 година.
Б. Ј.