ЗОРАН БОЈАРОВСКИ/ РАЦИН.МК
Во Ријад, Саудиска Арабија, на 45-та сесија на Комитетот за светското кулурно наследство, се очекува да биде соопштено мислењето на УНЕСКО за статусот на Природното и културното наследство на Охридскиот регион, откако на почетокот на година Северна Македонија и Албанија го предадоа извештајот за преземените активности во насока на превенција и заштита на природните и заштитени убавини на Охрид и регионот околу Охридското Езеро како и за движното и недвижното културно наследство.
Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска заминува за Ријад за да учествува на завршните сесии на Комитетот на УНЕСКО, откако во февруари оваа година беше доставен заедничкиот извештај на Северна Македонија и Албанија за сите преземени мерки и активности меѓу две сесии на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО.
Активностите се во голема мерка резултат на работата на Комисија за управување со природното и културното наследство на Охридскиот регион, која, согласно препораките на УНЕСКО, е реализирана обврска на актуелната Влада и на Министерството за култура со цел да ги координира и советодавно да учествува во иницијативите и мерките што се дефинирани во Законот за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион и Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион.
Мегаломанските проекти на ВМРО-ДПМНЕ за мега штети за Охрид, Охридското Езеро и регионот
Сите овие активности, мерки и нововостановени тела беа иницирани со цел да се санираат штетите во Охрид и охридско како последица на долгогодишното лошо управување со регионот и мегаломанските проекти кои беа закана за езерото и за Националниот парк Галичица. Од истите причини во април 2017 година УНЕСКО испрати мониторинг мисија, кога за прв пат беше соопштено дека Охрид, Охридското Езеро и регионот се соочени со ризикот наместо да останат на листата на светското културно наследство под заштита на УНЕСКО, да бидат ставени на листата на природни и културни споменици во ризик.
Најголемите закани по автентичноста и интегритетот на регионот, како основни критериуми за прогласување на некое природно и културно добро за светско наследство со исклучителна универзална вредност, се неконтролирана урбанизација, неодржливи туристички практики, несоодветен третман на отпадните води и цврстиот отпад, нелегалното градење, прекумерниот риболов, несоодветно користење на крајбрежјето, загадување од зголемениот воден сообраќај, инвазивни видови и др.
Сето води кон забрзана еутрофикација односно деградација на квалитетот на водите што директно штети на екосистемот и ги осиромашува природните особености на регионот. Непланските и несоодветни урбанистички интервенции го видоизменуваат автентичниот лик на градот и крајбрежниот пејзаж што ги нарушува исклучителната вредност на регионот.
Еден таков проект беше „Возобновување на Свети Kлиментовиот универзитет на Плаошник“ за кој уште во во 2013 година Комитетот за светско наследство на УНЕСКО предупреди дека ги „еродира“ автентичноста и интегритетот на градското јадро на Охрид и затоа, експертите од мисијата прeпорачаа дека целиот проект треба да биде значително ревидиран според деталните препораки.
Препораките од Мисијата се спроведени – во однос на проектот „Возобновување на Свети-Kлиментовиот универзитет на Плаошник“, намалени се катните висини, откажана е градбата на неколку планирани објекти и изработена е Студија за влијание на наследството.
Тоа е резултат на активностите на Комисијата за управување со природното и културното наследство на Охридскиот регион, којашто беше креатор и имплементатор на Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион кој новата Влада во 2017 година го донесе со цел да запрат штетните проекти во регионот кои во огромна мерка го доведуваа во ризик статусот на Охрид, Охридското Езеро и регионот како заштитено културно наследство на УНЕСКО.
Како еден од мегаломанските проекти со сериозни закани за природа и автентичните универзални вредности на охридскиот регион беше и оној за изградба на ски центар и скијачки патеки на Галичица. Преземени се навремени мерки за стопирање на овој проект, но останува и понатаму обврската за дополнителни актиивности за справување со дивоградбите во Националниот парк Галичица и со бесправната сеча на шумите.
Парапетчето на Грувески и аеродромот на вода на Субрата Рој
Уште не им беше косата спуштена на експертите во УНЕСКО од идејата на Никола Груевски да се изгради парапетче од барем дваесетина сантиметри околу Охридско Езеро, со кое, според генијалната замисла на тогашниот премиер, македонскиот туристички бисер ќе добиеше брана за песокот што требаше да се распостеле по охридските плажи, кога дојде новиот мегаломан Субрата Рој.
Тој дојде со идеја од Охрид и езерото на да направи супермодерен Лас Вегас со аеродром на вода на којшто ќе слетуваат приватните авиони на белосветските милијардери. За среќа проектот остана само на идеа, откако се крена тогашната јавност, но и откако братот Рој заврши во некој од индиските затвори за корупција и за измама.
Владата на СДСМ и коалицијата, освен што ја откажа изградба на ски-центар на Галичица, се откажа од плановите за изградба на подсквенците А и Е од патот А3 од Коридорот 8, според препораките на УНЕСКО, а средствата предвидени за тој дел од патот ги пренамени за регионални патишта низ Македонија.
Она што остана како обврска за спроведувањето на препораките на УНЕСКО е постојаната „борба“ со локалните самоуправи во Охрид, Струга и Дебрца, кои на развојот на општините му даваа предност во однос на статусот на Охрид и регионот на Охридското Езеро како светско културно наследство.
Политиките на државата за Охрид и Охридското Езеро на тест пред УНЕСКО
Во насока на која посочува министерката за култура Костадиновска-Стојчевска, започната е постапка за изработка на Урбанистички план за подрачја и градби од државно значење за заштитена зона на крајбрежен појас на Охридското Езеро.
Као дел од активностите за прифаќање и примена на препораките на УНЕСКО, изработен е интегриран катастар на загадувачи на животната средина на општина Охрид, а во овој дел на заштитата на животната средина извршена е рехабилитација на пречистителна станица Враништа и е саниран најкритичниот и најголем дел од колекторскиот систем;
Изработени се измени на Законот за прогласување на Старото градско јадро на Охрид за културно наследство од особено значење со кој се заострува режимот на заштита во Старото градско јадро.
Од листата преземни мерки и обврски вредно е да се издвојат проектите и студиите за валоризација Студенчишко блато заради негово прогласување за заштитено подрачје и кое, заедно до Охридското Езеро е предложено да бидат прифатени како Рамсар подрачја, односно како водни живеалишта на ретки видови од меѓународно значење.
Со тоа се стави крај на уште една мегаломанска приказна којашто предвидуваше Студенчишко Блато и дел од крајбрежјето да бидат жртви за сметка на нова марина и пристаниште кои УНЕСКО исто така ги виде како сериозен ризик за автентичноста и универзалните вредности на Охрид, Охридското Езеро и регионот.
Сето ова е многу важно да се има предвид во пресрет на одлуката на Комитетот за светско наследство за Охрид и охридскиот регион.
Статусот Светско наследство на УНЕСКО е најпрестижната титула што едно подрачје или локалитет може да ја добие. За едно место да биде прогласено за светско наследство се подготвува опсежна документација која треба да ја докаже неговата исклучителна вредност и важност за човештвото денес и во иднина.
Политиките на државата за Охрид и Охридското Езеро се на тест пред експертите на УНЕСКО кои со своите оценки проценуваат дали државата воспоставила систем за заштита и дали може да гарантира трајно зачувување на интегритетот и автентичноста на доброто како главни атрибути на исклучителната универзална вредност.