На 26-ти октомври во Будва, Црна Гора се прогласија победничките зелени идеи од регионалниот натпревар „Зелени идеи од Балканот“. Во категоријата на зелени бизниси победничка беше македонската идеја „Дизајнерски шапки од текстилен отпад“ на Мирјана Јосифоска од Тетово, која освои 10 000 долари. Останати победници во категоријата за зелени бизниси се: BeBeep, идеја за споделување на превоз (Црна Гора), Задругарство – реупотреба на хартија од кутии од цигари со вклучување на лица со попречености (Србија). Во категоријата ембрионски концепти поддршка од 5000 долари добија: Purteka- мобилна продавничка за комплети за градинарство за деца (Албанија) и Recycling PET Revolution-идеја за собирање и преработка на ПЕТ пластика (Босна и Херцеговина).
„Поголемиот дел од текстилниот отпад доаѓа во помали количини, а за да произведете една шапка потребно е само 30см од материјал, додека за стегач потребено е 5см. Нашите модели се одржливо и етички произведени во Тетово, и се рачно изработени во 3 големини-достапни за секоја глава. Од остатоците од производството на шапките, произведуваме стегачи за коса, скроени со „нула-отпад“ техника на кроење, со што на крајот не останува воопшто отпад. Благодарна сум на регионалната награда и се радувам што имам поддршка да работам на својот сон и да развивам ваков бизнис”- изјави Мирјана Јосифоска.
Оваа година нашата земја настапи и со идејата на Натали Ристовска „ Дизајн на ташни со техника на плетење без создавање на отпад. Изработени од самохрани мајки; “, и идејата на Благојче Нaјдовски „APICO-PRO SUPERFOOD“ во ембрионска категорија на идеи, соопштуваат од АРНО.
Натпреварот „Зелени идеи од Балканот“ 12 години по ред го поддржува развојот на зелената социјална економија. По 3-ца натпреварувачи од секоја од земјите презентираат свои концепти со кои се унапредува животната средина, се има општествен импакт и се генерира профит. АРНО е национален организатор на натпреварот од 2015-та година, и како здружение се залага во се поголемо преплетување на 3-те димензии на натпреварот, односно вредносно изедначување и на еколошкиот отисок, и на инклузијата на заедниците, и на пазарна ориентација и економска логика на идеите.