ДИЈАНА ТАХИРИ
Вчера попладне, на враќање од работа, по не знам кој пат се соочив со недостатокот од тротоари низ главната улица на Радишани. Да скратам, автобусот со број 57 ( тој води до Радишани), се расипа, и се префрливме во друг што ( за среќа) беше достапен веднаш за возење. Со тоа што другиот автобус беше 57 А, и води до селото Радишани. Инаку, само вчера, два пати се расипа 57-ица. Еднаш претпладне, околу 9:30- 10:00, и еден попладне, околу 17:30 часот. И ова се случува редовно.
Да се вратам на тротоарите. Од краткиот „престој“ низ селската улица, која по ништо не наликува на селска, одевме по многу пристојни тротоари, широки, уредни, чисти, за да стигнеме до главната улица од каде што си одиме дома, а тоа е 4 станици подалеку од нашата, до која би требало да се стигне за десет минути, во нормални услови и околности. Но, како што е обичај, кога врне, кај нас не се стигнува никаде. Бидејќи управувачите ( шоферите) на автомобили се тотално збунети, дека врне! И токму тогаш, сите се на улица. На главната улица на населбата Радишани, на која има само делови од тротоари, поради узурпирање од околните градби, во главно куќи, а врз деловите каде што постои тротоар, се паркираат автомобили, редовно, во секое време од денот.
Или контејнери, кои по некаков модел, не само во Радишани, се поставени на улица, на места каде што би требало да има слободен простор, односно слободен тротоар, каде што пешаците треба да поминуваат безбедно.
Ни требаа 30 минути да стигнеме до дома, бидејќи моравме да најдеме место да застануваме на речиси секоја минута поради колите, бидејќи нема тротоар! Во урбана населба, за којашто на страницата на Википедија се пишува дека има сè што ќе ти посака душата ( сè во суперлатив). Освен дека жителите секојдневно се соочуваат со недостатокот на слободен, назначен простор за пешачење покрај главната улица.
извор: Градска мк.