„Единиците на локалната самоуправа согласно законската регулатива што ја носиме имаат многу обврски што треба да ги спроведуваат, ама соработката мора да биде и на централно и на локално ниво. Во сферата на управување со отпад општините имаат обврска за управување со отпад, ама ако погледнете на централно ниво, по региони, ние сѐ уште немаме конкретна ни финална реализација на регионална депонија“, истакна заменик министерката за животна средина, Христина Оџаклиеска, на панелот на ЦИВИЛ на тема „Македонската зелена агенда: Реалност или тешко остварлива цел?“.
Таа потенцираше дека на Свети Никола, како општина, се одземени ингеренциите за изградба на регионална депонија, сметајќи дека на тој начин ќе се воспостави ред во менаџирањето со отпадот и таму конечно ќе се гради регионална депонија.
„Треба да размислуваме долгорочно, не можеме стратегиите за животна средина да ги менуваме на кратки периоди. Воспоставување на ваков систем за ригонални депонии ни е повеќе од потребен.
Како приоритети од зелената агенда, Оџаклиеска ги наведе Законот за климатска акција, како и проблемот со аерозагадувањето и контролата на жешките индустриски точки кои наштетуваат на животната средина.
„Сѐ е битно. Одредени глобални работи што се пренесуваат и кај нас, можеби не се толку битни во моментот. Но, за нас се битни последиците од тоа што се случува и што ни го имаат наметнато другите. Ние како држава не сме голем загадувач во споредба со високо индустријализираните земји. Но, ги имаме последиците во поглед на климатските промени и тоа го гледаме на терен. Поплави, пожари со кои не можеме да се справиме заради тоа што стварно нема финансиски средства и нема добро планирање за да се справат општините со ваков тип на незгоди“, истакна директорот на МДИ-ТИ.Нет.
Тоска, посочи дека од поглед на граѓанското општество стратегиите кои се носат се факт дека сме се согласиле за одредени работи, но во пракса се гледа дека не може да се спроведат проектите, како што е со јавниот транспорт во Скопје или подобрување на квалитетот на водата на реката Вардар.
Заменик министерката додаде дека независно кој на која политичка опција припаѓа, квалитетот на животната средина влијае на сите.
„Забележуваме дека многу често, особено во последните изборни циклуси е присутна зелената агенда Она што е важно е кога ќе бидат поставени луѓето на одредени позиции доследно да ги спроведуваат програмите за кои се залагаат. И така граѓаните ја градат довербата или недовербата кон оние за кои го дале својот глас. За мене е тоа е најголемата злоупотреба или манипулација“, истакна Оџаклиеска.
Панел –дискусијата е дел од проектот „Зелен форум“ што Зелен ЦИВИЛ го спроведува во соработка со Фондацијата Хајнрих Бел.
камера и монтажа: Ариан Мехмети