За жал, наместо да напредуваме, ние одиме назад. Од тоа што знаеме, министерството за животна средина, во буџетот за 2023 година го има најмалиот буџет, со 0, 7 отсто, каде што замислете, издвоениот годишен буџет за републичките инспектори за животна средина е смешни 4000 евра, вели Нгадњим Мехмети од Еко герила на петтиот панел на Зелен Цивил на тема „Македонската зелена агенда: Реалност или тешко остварлива цел?
„Ова е потценувачки, со ова не може ништо да се постигне. Најголемиот проблем тука е метастазирањето на културата на неказнивост во Македонија. Кога гледате како се третираат судски монтирани процеси, каде изгореа 14 луѓе, каде загинаа луѓе со автобусите, и ништо не се воведува… И потоа, да зборуваме за животна средина можеби е луксуз во оваа земја. Проблемот е во големата слика дека метастазирањето на културата на неказнивост – не знаеме која онкологија може да ја спаси Македонија од овој рак.“, вели Мехмети.
Тој во кратки црти ја раскажа ситуацијата со грижата за градските површини од страна на надлежните институции во Тетово.
„Замислете, Тетово дваесет години нема ниту една цистерна за миење улици со вода. Ниту една, нула. Се користи некој ФАП од пожарникарската служба од седумдесеттите години. Врие од прашина по улиците, дваесет години ништо нема, зелени површини нема, буџетот е нула за инвестирање. И оние мали зелени јавни површини што се, во последните години локалната власт во соработка со урбаната мафија, ги затвори очите пред сите нас, зелените површини да се рушат, да се бетонизира, да се претворат во паркинзи кои според закон за изградба на објекти, се предвидува колку паркинзи треба да има. Кога се даваат дозволите, на хартија ги имаат, а во пракса не се спроведува, па така се жртвуваат зелените површини за бетонизирање и на таа мала јавна зелена површина.“
Мехмети ги спореди другите општини во однос на општина Тетово, за големината на зелените површини.
„Ако градскиот парк во Скопје има околу сто и триесет илјади метри квадрати зелена површина, ако Битола има околу 92,000, и Струмица околу осумдесет и пет илјади, во Тетово имате смешни осум илјади квадратни метри само еден парк“, посочува Мехмети.
Локалната власт, исто како централната, се бави со популизам, ништо не мрднува од место, и проблемот со животната средина во однос на економските проблеми на граѓаните им изгледа како луксуз, вели Мехмети во однос на тоа дали се гледа некакво решение во иднина.
Панелот се пренесува во живо на Фејсбук страницата на Зелен ЦИВИЛ и на Јутуб каналот на ЦИВИЛ.
Панел –дискусијата е дел од проектот „Зелен форум“ што Зелен ЦИВИЛ го спроведува во соработка со Фондацијата Хајнрих Бел.
М. Д.