Колку всушност е реална зелената агенда на Северна Македонија, дали се поседува институционално и системско знаење што претставува Зелената агенда, кои се перспективите, а кои предизвиците во нејзино спроведување, постои ли политички консензус околу зелените прашања, се отворени теми и прашања на кои ќе говорат учесниците на денешниот, петти панел на тема „Македонската зелена агенда: Реалност или тешко остварлива цел?
Учесници на настанот се Нгадњим Мехмети од Еко Герила и Бојан Трпевски, Здружение на млади правници. Настанот го води Биљана Јордановска, координаторка на Зелен Цивил.
За жал, наместо да напредуваме, ние одиме назад. Од тоа што знаеме, министерството за животна средина, во буџетот за 2023 година го има најмалиот буџет, со 0, 7 отсто, каде што замислете, издвоениот годишен буџет за републичките инспектори за животна средина е смешни 4000 евра, вели Нгадњим Мехмети од Еко герила.
„Ова е потценувачки, со ова не може ништо да се постигне. Најголемиот проблем тука е метастазирањето на културата на неказнивост во Македонија. Кога гледате како се третираат судски монтирани процеси, каде изгореа 14 луѓе, каде загинаа луѓе со автобусите, и ништо не се воведува… И потоа, да зборуваме за животна средина можеби е луксуз во оваа земја. Проблемот е во големата слика дека метастазирањето на културата на неказнивост – не знаеме која онкологија може да ја спаси Македонија од овој рак.“, вели Мехмети.
Тој во кратки црти ја раскажа ситуацијата со грижата за градските површини од страна на надлежните институции во Тетово.
„Замислете, Тетово дваесет години нема ниту една цистерна за миење улици со вода. Ниту една, нула. Се користи некој ФАП од пожарникарската служба од седумдесеттите години. Врие од прашина по улиците, дваесет години ништо нема, зелени површини нема, буџетот е нула за инвестирање. И оние мали зелени јавни површини што се, во последните години локалната власт во соработка со урбаната мафија, ги затвори очите пред сите нас, зелените површини да се рушат, да се бетонизира, да се претворат во паркинзи кои според закон за изградба на објекти, се предвидува колку паркинзи треба да има. Кога се даваат дозволите, на хартија ги имаат, а во пракса не се спроведува, па така се жртвуваат зелените површини за бетонизирање и на таа мала јавна зелена површина.“
Мехмети ги спореди другите општини во однос на општина Тетово, за големината на зелените површини.
„Ако градскиот парк во Скопје има околу сто и триесет илјади метри квадрати зелена површина, ако Битола има околу 92,000, и Струмица околу осумдесет и пет илјади, во Тетово имате смешни осум илјади квадратни метри само еден парк“, посочува Мехмети.
Локалната власт, исто како централната, се бави со популизам, ништо не мрднува од место, и проблемот со животната средина во однос на економските проблеми на граѓаните им изгледа како луксуз, вели Мехмети во однос на тоа дали се гледа некакво решение во иднина.
Добро е што се спомна урбанистичкото планирање, и колку всушност урбанистичкиот хаос влијае на нашите животи и генерално на состојбите со животната средина. Она што јас го гледам како механизам, или институција што треба да се бави со овие работи, да се гледа дали урбанистичкото планирање нам ни овозможува доволно услови за квалитетен живот и животна средина во која ќе можеме квалитетно да опстојуваме, би рекол дека е тоа Уставниот суд, вели Бојан Трпевски од Здружение на млади правници.
„Кај нас, една од темелните вредности на нашиот уставен поредок, меѓу другото, е и хуманизација на просторот и заштитата на животната средина, и ова како начело и темелна вредност на нашиот уставен поредок, не би требало да остане само на хартија, туку треба сите политики, вклучително и урбанистичките планови да се гледаат низ призма токму на хуманизацијата на просторот и заштитата на животната средина.“, посочи Трпевски.
Трпевски го посочи Уставниот суд како една од главните државни институции чија надлежност и обврска е надгледување и грижа за животната средина на граѓаните.
„Она што ние го имаме забележано досега, е дека генерално, позицијата на Уставниот суд за овие прашања, е пред се од аспект на тоа како се донесувале урбанистичките планови, дали постапката била спроведена во согласност со законот, дали имало учество на јавноста, дали е објавен урбанистичкиот план… Меѓутоа, забележуваме дека во април оваа година, Уставниот суд реши, да речеме, малку да го промени своето стојалиште, би рекол во позитивна насока, и премина кон оценување, дали , на пример во Карпош еден ДУП, е во согласност созаконот за урбанистички план. Сите го знаеме случајот со идејата да се изгради бензинска пумпа, на место каде што со генералниот урбанистички план, не било предвидено градење на таква градба. Можеби ова е почетна точка за прераснување на Уставниот суд во вистински заштитник на тие темелни вредности, кои треба да бидат основа на сето она како кај нас се одвиваат работите“, вели Трпевски.
Панелот се пренесува во живо на Фејсбук страницата на Зелен ЦИВИЛ и на Јутуб каналот на ЦИВИЛ.
Панел –дискусијата е дел од проектот „Зелен форум“ што Зелен ЦИВИЛ го спроведува во соработка со Фондацијата Хајнрих Бел.
Д. Тахири
Камера: Дехран Муратов
Реализација: Ариан Мехмети