„Македонската зелена агенда: Реалност или тешко остварлива цел?“, е тема на денешниот панел во организација на Зелен Цивил.
Колку всушност е реална зелената агенда на Северна Македонија, дали се поседува институционално и системско знаење што претставува Зелената агенда, кои се перспективите, а кои предизвиците во нејзино спроведување, постои ли политички консензус околу зелените прашања, се отворени теми и прашања на кои ќе говорат учесниците на панелот.
„Зелената агенда нема друга алтернатива и замена. Тоа е патот кон кој ние мора да се движиме, затоа што климатските промени, климатската криза која ја живееме, трендот во европската Унија поради тоа, тој пат е веќе трасиран, со Европскиот зелен договор, и нема враќање назад кон она што порано беше „бизнис како и вообичаено“. Околу ова, никој не треба да има дилема дека ќе се вратиме назад кон користење на јаглен, кон загадувачки индустрии и така натака, патот е тој.“, вели Морачанин.
Таа се осврна и на досегашната работа и прогрес на зелената агенда во напата земја.
„Колку Македонија како држава успева да спроведе – секако недоволно. Факт е дека во изминатите неколку години има значителен прогрес по ова прашање, особено кога зборуваме за заштита на животната средина, и законската регулатива. Ние навистина донесовме добри законски решенија, усогласени со европските директиви, како што е законот за квалитет на амбиентниот воздух, пакет закони со управување со отпад, закон за инспекциски надзор во животна средина, имаше промени во законот за животна средина… Што значи дека законските норми се добри.
Останува законот за климатска акција да се донесе, исто така многу важен закон, што се однесува за климатските промени, а јавната дебата за овој закон е при крај и очекувам да помине наскоро во влада, и потоа да дојде до собрание, и уште еден, многу важен закон, којшто исто така треба да се усогласи со европските директиви, а тоа е законот за индустриски емисии, којшто го третира делот што се однесува на загадувањето од индустриските капацитети. Генерално, законската регулатива е добра, она што е слабост кај нас, е имплементирањето, односно, спроведувањето на законите“, посочи Морачанин.
Поповски посочи дека Зелената агенда треба да биде на високо ниво на политичката агенда на владата и собранието, и дека треба да има и финанскиски одвојувања.
„За да одговориме на прашањето колку е реална македонската зелена агенда, треба си поставиме две прашања. Првото прашање е колку зелените политики се високо на политичката агенда на владата и собранието, и второто прашање е финансиските одвојувања, бидејќи, во спротивно, би била некаква реторика. Додека тие идеи и мерки навистина бараат големи финансиски одвојувања, вели Поповски.
Зелената агенда не е само екологија, туку е развојна политика, вели Поповски.
„Кај нас, како зелена агенда, со тој наслов ние немаме формирано политика. Имаме низа стратегии, политики и акциски планови кои ги во овој контекст ги носи министерството за просторно планирање. Најблиску кон овој термин е зелената агенда за Западен Балкан. Таа е дериват на европскиот зелен договор, во смисла дека целите на зелената агенда за Западен Балкан, се изведени од целите на зелениот договор. Маја укажа дека практично се работи за клучната развојна политика на Европската унија. Не е само екологија, туку говориме за сеопфатна, развојна политика. За неа се одвојуваат големи средства, се работи за 1,8 трилиони евра, фондови наменети за пост -КОВИД обнова, инаку се средства со кои треба да се надминат овие проблеми кои ги предизвика пандемијата, и плус на овие средства и седумгодишниот буџет на Европската унија, што значи дека има сериозен базен на финансиски средства во позадина на зелениот европски договор.
На некој начин, тоа е направено и за Зелената агенда за Западен Балкан, бидејќи има финансиски инструмент поврзан со оваа платформа, и се нарекува економски и инвестициски план за Западен Балкан.“, посочува Поповски.
Панелот се пренесува во живо на Фејсбук страницата на Зелен ЦИВИЛ и на Јутуб каналот на ЦИВИЛ.
Панел –дискусијата е дел од проектот „Зелен форум“ што Зелен ЦИВИЛ го спроведува во соработка со Фондацијата Хајнрих Бел.
Д. Тахири