Зелен ЦИВИЛ (организациска единица на ЦИВИЛ) продолжува со серијата панел дискусии, на тема „Македонската зелена агенда: Реалност или тешко остварлива цел?“, на кој денеска учесници се Габриела Кулебанова, претставник од бизнис секторот и Џабир Дерала, претседател на ЦИВИЛ.
Колку всушност е реална зелената агенда на Северна Македонија, дали се поседува институционално и системско знаење што претставува Зелената агенда, кои се перспективите, а кои предизвиците во нејзино спроведување, постои ли политички консензус околу зелените прашања, се отворени теми и прашања на кои говорат учесниците на панелот.
Таа ги објасни почетоците на зелената економија, како и следните чекори на развивањето на државите во тој правец.
„Зелената економија е резултат на едно истражување, и прв пат се појавува во 1989 година, кое е изработено во редовите на една група британски економисти, во Лондонскиот центар за еколошко одржлива економија и развој. Оттаму, понатака сето тоа се развива и оди во насоки на развојните цели на сите општества, особено за време на економската криза во 2008 година, таа добива нова афирмација, и во 2020 година на Конференцијата на ОН за одржлив развој, се посветува поголемо внимание, каде што се напишани целите кон кои би се стремеле сите држави.“, вели Кулебанова.
Кулебанова предочи за тоа каде се наоѓаме ние како држава и општество во светската слика на остварување на зелените цели.
„Меѓутоа, ние овде спаѓаме во делот на помалку развиените држави, затоа што сепак, за остварување на овие цели, за одржлив зелен развој, има предности коишто имаат цена на чинење. За нивно крајно остварување. Таму има и еден дел каде што има шест приоритетни подрачја за помалку развиените земји. Тука, како центар на зелената економија, се става акцент на управување со отпадните води, одржливост и почист транспорт, зелено градење, обновливи извори на енергија, користење со управување на водите, и селекција на отпадот. Таму е фокусирано дека ние спаѓаме во оној дел на преземање мерки за зелената економија, и таму треба да ни биде фокусот“, посочува таа.
„Ние како држава сме далеку од овие остварувања на цели, исто така, во последните години правиме доста напори. Ќе истакнам дека ние како општество, и како граѓани, мислам дека сето ова треба да се потегне од едни регионални центри, односно, да се потегне од секој граѓанин, но главно од општините. Имаме примери за преземање на такви мерки, но, гледам дека се уште сме заглавени на прочистување на водите, со прочистителните станици, а имаме доста работа во тој дел. Ние како држава ,сме зелена држава, треба да работиме на одржување на она што веќе го имаме, порача Кулебанова.
Се разбира дека е реална зелената агенда, дури и да не е реална, мора да се оствари таа зелена агенда за земјава, за да можеме понатаму да опстанеме како население, вели Дерала, како одговор на прашањето дали Македонската зелена агенда е реалност или тешко остварлива цел.
„Бидејќи ние сме дел од тој глобален свет, би рекол дека таа зелена агенда, ако зборуваме за владината зелена агенда, може дури и да се проширува, и да добие нови компоненти. Меѓутоа, колку една агенда е реална, исто така зависи и од околностите во кои се наоѓа една држава. Ние се наоѓаме во подрачје во кое зелената култура е на многу ниско ниво, за среќа, можеме да кажеме дека има политичка волја, меѓутоа, остварувањето на политичката волја и остварувањето на агендите, секогаш зависи од тоа колку луѓето се вешти, и колку луѓето навистина се спремни да ги спроведат плановите, без да мислат на своите банкарски сметки.“
Дерала се осврна на проблемите со зелената агенда, на светско ниво, и ги посочи и актуелните воени состојби и безбедноста во светот, како удар за оваа агенда.
„Исто така, зелената агенда може да има големи проблеми, не само македонската, туку која било зелена агенда во светот, заради жестоките воени судири, пред се во Украина, а сега гледаме и со новата војна на Блискиот Исток, секоја зелена агенда, колку и да е богата државата, секогаш ќе трпи удар, поради ваквите состојби во светот. Безбедноста секако дека е фактор, кој не смее да се занемари. И државната, и регионалната и свеската безбедност се фактори кои влијаат на тоа дали една зелена агенда може, или не може да се оствари, или во кој размер ќе се оствари.“
Тој ја посочи и интеграцијата во ЕУ како итност за нашата земја, бидејќи, меѓу другото, во контекстот на зелената агенда, европските фондови би биле од клучно значење за одржливиот развој и зелената економија на земјата.
„Во таа смисла, зелената агенда е реална, и реалистична, и таа треба да се оствари, меѓутоа, не може да се оствари во целост, сигурно, и заради објективните причини. Се разбира, и заради недоволните ресурси во самата земја, како човечки, така и финансиски.
Што се однесува до Европските фондови, затоа ни треба што поскора интеграција, бидејќи таму не се штеди на зелената агенда. Меѓу другото, зелената агенда е и фактор на стабилност, и фактор на безбедност на една држава, а во случајов, и на целата Европска унија.“, порача Дерала
Панелот се пренесува во живо на Фејсбук страницата на Зелен ЦИВИЛ и на Јутуб каналот на ЦИВИЛ.
Панел –дискусијата е дел од проектот „Зелен форум“ што Зелен ЦИВИЛ го спроведува во соработка со Фондацијата Хајнрих Бел.
Д. Тахири