Државната лабораторија за животна средина планира идната година да се акредитира за три методи за следење на квалитетот на воздухот, но само доколку најдат кој да работи со инструментите. Како што информираат за Мета.мк од Министерството за животна средина, Централната лабораторија во предлог буџетот за 2024 година предвидува акредитација на нови методи за емисии од стационарни извори. Сепак, акредитацијата и мерењата нема да зависат само од тоа дали ќе се обезбедат средства за процесот, туку во најголем дел ќе зависи од тоа дали ќе се вработи соодветен кадар, како извршители за теренската работа.
„Проблемот е што има многу мал или воопшто нема интерес кај стручните лица за вршење на оваа дејност. Објавени беа два конкурси за вработување на по тројца извршители, но вработен е само еден, бидејќи имаше слаб одзив. На конкурсот се пријавија само двајца, од кои едниот не ги исполнуваше условите“, информираат од Министерството.
Заради тоа што нема вработени, не се користи ниту инструментот за мерења на емисии од стационарни извори, кој е набавен уште пред две години. Нововработениот сега е обучен за мерење на бучава, бидејќи во меѓувреме еден од седумте вработени во Централната лабораторија што работел на оваа метода заминал во пензија.
„Лабораторијата сè уште не вработила луѓе кои би биле обучени за мерења на емисии од стационарни извори. Од таа причина иако инструментот е набавен, тој сè уште не се користи. Инаку, институцијата има вкупно седум вработени кои се вклучени во системот за квалитет ИСО 17025 за акредитирана лабораторија“, велат од Министерството.
Централната лабораторија на Министерството за животна средина досега е акредитирана за методи за анализи на отпадни води и тоа вкупно за 12 параметри, од кои за седум од нив е проширена акредитацијата и за површински води, како и за мерење на ниво на бучава во животната средина.
Иако проблемот со загадениот воздух е реалност за многу градови низ земјава подолго од една деценија, досега не беа воведени акредитирани методи за воздух. Тоа, според еколошките здруженија во земјава е голем проблем за Државниот инспекторат за животна средина, бидејќи нејзините мерења на разни параметри на загадувањето не можат да се сметаат за цврст доказ, посебно во судските постапки против загадувачите.
Професорот Дејан Мираковски од Факултетот за природни и технички науки на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип за Мета.мк вели дека нивната лабораторија Амбикон веќе подолго време работи на мониторинг на амбиенталниот воздух и животната средина. Главен фокус им е контрола на квалитативни и квантитативни параметри на воздухот во реална состојба и реално време.
Акредитирани се од 2014 година во согласност со ISO 17025 за испитување на еколошки примероци. Имаат и своја мониторинг мрежа за следење на квалитетот на воздухот, а податоците се објавуваат во реално време на лабораторискиот портал. Акредитирани се за 11 методи, од кои шест методи за следење на квалитетот на воздухот, а работат и по 25 неакредитирани методи.
Лабораторија Амбикон ја користи стандардната и најчеста метода за мерење присуство на PM 10 и PM 2,5 суспендираните цврсти честички во воздухот, ја испитува изложеноста на прашина во воздухот во работната и животната средина, одредува концентрации на азбестни влакна во воздух и концентрација на неоргански влакна, определува метали во амбиентните честички, нивниот хемиски состав и што содржат и определува кристален силициум диоксид во рeспирaбилнaтa прашина.
Мираковски вели дека работата на универзитетската лабораторија е бесплатна за испитувања што ги прават студентите и професорите, но и за државните органи. Посочува дека имаат соработка и со државниот и општинските инспекторати за животна средина, кои повремено ги користат нивните услуги.
„Мислам дека за сите ќе биде најдобро да се вложува во универзитетските лаборатории и да се користат за потребите на државните институции. На тој начин универзитетите ќе ја одиграат својата општествена улога, на студентите ќе им се овозможи да учат во квалитетна средина, а од друга страна нема да се трошат паралено ресурси на повеќе места. Тоа е вин-вин за сите“, вели за Мета.мк Мираковски.
извор: МЕТА