„Како НВО секогаш сме имале добра соработка со медиумите кога ќе сме ги повикале за да пренесат било која тема и да ја стават во фокусот на јавноста. Тоа до сега имало добар резултат. Но, на некои теми, како што се малите хидроцентрали, без разлика колку и да зборуваме институциите си тераат по свое и ги третираат на друг начин тие теми, за кои ние се обидуваме да ги ставиме во фокус. Сепак, медиумите се тука кога и да им побараме помош, тие излегуваат во пресрет“, вели Зоран Тодоров, активист и претседател на здружението „Одбор за здрав живот“, Кочани.
На панелот на ЦИВИЛ „Македонската зелена агенда: Реалност или тешко остварлива цел?“, Тодоров ги охрабри медиумите да направат серијали или да влезат во домовите на секој поединечно со темата екологија.
Новинарот Зоран Иванов, пак, на панелот истакна дека корупцијата има влијание кога станува збор и за зелени теми, луѓето немаат мотив за ништо.
„Една од темите во кампањите за избори ќе биде и екологија. Јас тврдам дека ако се земат од пред 10, 15 година што ветувале околу екологијата, ништо не е сменето и сега пак ќе го стават во програмите, ќе пропагираат чиста животна средина и никому ништо. Не функционира тој ланец на свест и на казнивост преку институции. Мислам дека медиумите ја имаат клучната улога“; смета Иванов.
„Мојата теза дека барем во околината во која живееме да не се чукаме во гради дека сме големи патриоти, туку да си ја исчистиме околината и земјата по која газиме, нели и тоа е нашата татковина“, вели Иванов.
Тодоров истакна дека во нивниот регион приоритет, освен загадувањето, е и третманот на отпадни води, палењето на стрништата од земјоделците, проблемот со дивите депонии.
„Кога во заштитени зони, еколошки зони каде државата удрила печат дека таму ништо не смее да се случува, вас ви никнуваат дивоградби, ете ја злоупотребата. Кој тоа го прави? Ние граѓаните? Го прави таа политичка мафија, го прават институциите. Институциите мора да станат со наша граѓанска свест“, вели Иванов.
„Потребни се системски измени, но и подигање на свеста кај граѓаните. Да се бориме во двата правци. Зелената агенда и движењето кон ЕУ, секако ќе ни придонесе малку одговорните лица и партиите да се замислат и да се секираат проевропски. Очекувам подобри законски регулативи, но и граѓаните ако сакаат во ЕУ да тежнеат да бидат европски граѓани и така заеднички да ја буткаме зелената агенда.“, вели Тодоров
„Патриотизам е да го фрлиш ѓубрето во канта“, истакна Тодоров.
Панел –дискусијата е дел од проектот „Зелен форум“ што Зелен ЦИВИЛ го спроведува во соработка со Фондацијата Хајнрих Бел.
Б. Ј.
камера, фотографија и монтажа: Ариан Мехмети