„Зелената агенда е еден пакет од патот на Балканот и на Македонија кон ЕУ. Но,, нема сосема да се сложам со тоа дека реално во македонскиот медиумски простор и во јавноста е доминантна тема. Мислам дека многу малку луѓе, вклучувајќи ги и новинарите и уредниците, дури и во мејнстрим медиумите, малку знаат за зелената агенда за тоа што е направено и што треба да се направи“, вели новинарот Љубиша Николовски, на панелот на ЦИВИЛ „Македонската зелена агенда: Реалност или тешко остварлива цел?“
„Зелената агенда е можеби и најдалеку како поим кој што овој напатен балкански простор го прави. Не се виновни само медиумите, туку секој од нас. Ние немаме менталитет и слух да живееме во подобар простор, подобра животна средина, Стандардната болка е што очекуваме некој друг да направи нешто од нас, најчесто Владата или ЕУ“, вели Николовски.
На панелот учествуваше и Горан Лефков, истражувачки новинар и претседател на СКУП, Центар за истражувачко новинарство, кој смета дека зелената агенда не само што е реална туку и дека се остварува.
„Во последните неколку години се остварува со брзо темпо. Во некои делови сме направиле историски чекори што не сме ги направиле во изминатите 50 години. Процесот на декарбонизација што ЕУ треба да го заврши до 2050, Македонија во последните 2 години го води доста храбро. Се работи доста и на агендата за гасификација. Сепак, доцниме многу со делот за регионални депонии, треба да имам 5 или 6, а за жал немаме ниту една“, истакна Лефков.
Според Лефков, најголем проблем за заагадувањето е и греењето на дрва и горивото кое се користи во индустриите. Лефков смета дека може лесно да се реши со гасификација и со соларната енергија.
„Се радувам што Македонија навлезе толку многу во делот на соларната енергија. Тоа е начинот да се оттргнеме од оние фосилни горива кои што загадуваат и практично не убиваат. Во една студија излезе дека 350.000 жители во Македонија порано умираат како последица на загадениот воздух. Тоа е сериозен проблем. Од друга страна решенија има многу, но треба малку системски да работиме за да добиеме многу поодржливи и долгорочни процеси што ќе ни помогнат на нас самите“, истакна Лефков, додавајќи дека не треба да чекаме ЕУ да ни ги решава проблемите, туку сами да се ангажираме бидејќи влијае на сите нас.
„За многу работи можеби не се согласуваме, но срамежливо, за подобри услови за живот, се согласуваме. Мислам дека Владата треба да посвети повеќе внимание, на пример, не само на големите колектори, туку граѓаните во сопствените домови да можат да ги инсталираат овие панели, доколку самите имаат средства или пак државата, општините субвенционираат, и да се приклучат на централниот систем на електростопанство. Тогаш сите ќе имаат бенефит, да не се гледа само на профитот на одредена фирма. Мислам дека постои консензус и треба да ги искористиме огромните суми пари што ЕУ ги дава, што се независни од големината на буџетот за други потреби на населението.
За можност од злоупотреби на зелените прашања за политички цели, Николовски смета дека најчесто се злоупотребуваат оние работи кои на граѓаните им значат.
„Секоја Влада, од осамостојувањето претежно се занимава со тековни проблеми и прашања, а ветувањата што ги дава се само список на желби од кои што најчесто нема ништо. Решението секогаш доаѓа од иницијативата на граѓанинот“, вели Николовски.
Лефков истакна дека опструкции секогаш се тука, избегнување на еколошки теми или затворени врати за некои зелени прашања или еколошки теми.
Панел –дискусијата се дел од проектот „Зелен форум“ што Зелен ЦИВИЛ го спроведува во соработка со Фондацијата Хајнрих Бел.
Б. Ј.
камера и фотографија: Дехран Муратов
монтажа: Ариан Мехмети