Зелената агенда, еколошките прашања и одржливиот развој се неизоставен дел од политичките програми и дел од пи-арот на институциите на државно и локално ниво се тема на денешниот панел од серијата „Македонската зелена агенда: Реалност или тешко остварлива цел?“.
Учесници на панелот се новинарот Зоран Иванов и активистот и претседател на „Одбор за здрав живот“, Кочани, Зоран Тодоров. Настанот го модерира Биљана Јордановска, координаторка на Зелен Цивил.
Зелената агенда во Северна Македонија мора да биде реална, дури и ако сме песимисти. Јас сакам во оваа пригода да кажам дека овде сум навистина во улога на еден граѓанин, кој сака да даде придонес во тоа што се вели „зелена агенда“, и се надевам дека овој зелен форум еден ден ќе стане зрел форум, особено за помладите генерации, вели Зоран Иванов.
Што се однесува до зелената агенда, Иванов вели дека е остварлива, но пресудно е нашето однесуање и свесноста.
Остварлива е. Мене само едно нешто ме плаши, ќе си земам за слобода да тргнам од мојата возраст, мислам дек во многу сектори, кога зборуваме за екологија ние како да се враќаме назад, со однесувањето, со свеста итн. Мислам дека се клучни неколку фактори. Прво – а тоа го повторувате и вие во овие тематски емисии, многу е важно домашното воспитување. Второ, нашето однесување на работа, на улица, како се однесуваат медиумите, како е тоа во маалскиот живот, што веќе го нема, однесувањето во станбените згради, каде што живееме, како се однесуваме кога ги шетаме домашните миленици, вели Иванов.
Иванов се осврна на навиките на граѓаните од минатото, и повика да се вратиме на начинот на делување првенствено во домашните средини.
„За мене, клучот е – ние граѓаните, покрај институциите, од општина до држава, сепак сме ние клучот, во свеста на граѓаните, и дека ние оној стар домаќинлук што го имаа во маалата, каде што беше навистина непријатно, дури и срамно, некој од домаќините, домаќинките, наутро да не си го исчисти дворот, и да го остави навечер со ѓубре или листови од тоа што го оставаме како отпад.
Мислам дека треба да го вратиме тој срам во нашето секојдневие“, порача Иванов.
Во голем дел би се сложил со Зоран Иванов, а тоа е дека свеста на граѓаните е на многу ниско ниво, и дека се што пробавме во претходниот, и ние и другите граѓански здруженија, да ја подигнат свеста – некаде вродува со плод, некаде , не. Во разговор со некои словенски здруженија, за тоа на кој начин тие даваат предлози да се подигне свеста кај граѓаните, тие рекоа – во градинките. Што значи дека треба да креираме генерации кои имаат свест за екологија и за зачувување на својата околина уште од градинка, за да можеме да добиеме свест која во иднина ќе биде на многу повисоко ниво. Ова е кога се во прашање граѓаните, вели Зоран Тодоров.
Тодоров ги спомна големите загадувачи, и проблемот со домашниот огрев кој според него придонесува во загадувањето на воздухот.
Да не ги заборавиме и индустриските капацитети, ниту големите загадувачи, и немањето можност да направиме некои иновативни методи за заштита пред се на воздухот. На пример, сега е актуелно загревањето на домовите, и тоа во сите градови се гледа како аномалија, тие што горат дрва и многу други материјали кои допринесуваат на загадувањето. Така што, јас мислам дека агендата треба да биде покомплексна, и дека треба вистински да биде застапена во програмите на партиите, кои на крај и треба да ја спроведат на терен.
За жал, кога се зборува за екологија, сите ќе се сетат на неа во предизборните кампањи, а подоцна малку подзабораваат, посочи Тодоров.
Панелот се пренесува во живо на Фејсбук страницата на Зелен ЦИВИЛ и на Јутуб каналот на ЦИВИЛ.
Панел –дискусијата е дел од проектот „Зелен форум“ што Зелен ЦИВИЛ го спроведува во соработка со Фондацијата Хајнрих Бел.