Претставниците на државите кои се присутни на Самитот за климата КОП28 во Дубаи ја разгледуваат можноста во финалниот текст на самитот да повикаат за постепено укинување на користењето на фосилните горива.
Во нацрт-текстот за конечниот договор се споменуваат три опции кои ќе ги разгледаат делегатите од речиси 200 земји ширум светот.
Првата опција повикува на „праведно и методично постепено укинување на употребата на фосилните горива“, а зборот „праведно“ во овој случај сугерира дека богатите нации кои долго време користат фосилни горива треба да го спроведат овој план побрзо од посиромашните земји, кои дури сега ги развиваат своите ресурси.
Втората опција подразбира „забрзување на напорите за постепено укинување на употребата на фосилните горива“, а во третата верзија на текстот воопшто не би се споменувало укинување на употребата на фосилните горива.
САД, ЕУ и островските земји кои се многу чувствителни на последиците од климатските промени се залагаат за што побрзо укинување на употребата на фосилните горива со цел драстично да се намалат емисиите на јаглерод, додека големите производители на нафта како Саудиска Арабија или Русија се противат на овие решенија, пренесе МИА:
Некои земји сакаат постепено целосно да престанат да користат фосилни горива, додека други земји се борат да ја зачуваат улогата на фосилните горива и при енергетската транзиција.