Зелената агенда, еколошките прашања и одржливиот развој се неизоставен дел од политичките програми и дел од пи-арот на институциите на државно и локално ниво. Последниве години, фокусот на пошироката јавност, медиумите, граѓанското општество, па и академската фела е насочен кон оживување на темите поврзани со зелените прашања, нивно разбирање и промовирање.
Проектот „Зелен форум“ на Зелен ЦИВИЛ (организациска единица на ЦИВИЛ – Центар за слобода) обезбеди платформа за дебата за клучните зелени прашања. Проектот идентификува голем број позитивни и негативни социополитички фактори што се однесуваат на зелената иднина на земјата.
Проектот вклучи голем број познавачи на зелените прашања, политичари, носители на одлуки и професионалци од редовите на организациите на граѓанското општество и медиумите. Воедно, тимот на ЦИВИЛ работеше на систематизирање на претходните искуства и истражувања, земајќи ги предвид и излагањата на учесниците на панел дискусиите на Зелен ЦИВИЛ. Искусните аналитичари во состав на организацијата формулираа препораки и врз основа на континуираното следење и анализи на тековните состојби поврзани со зелените прашања, вклучително и компаративни анализи со светските трендови.
Препораките се достапни онлајн на македонски, англиски и албански јазик.