„Животната средина го претставува нашето опкружување и нашата иднина. Од нас зависи дали ќе работиме понатаму со ЕУ фондови или како до сега со финансиски средства кои ги одвојуваме ние како граѓани. И тука прашањето за ЕУ одредува каква ќе ни биде нашата иднина“, вели Гоце Серафимов, директор на Центар за јавно здравје, Кочани во интервју за ЗЕЛЕН Цивил.
ЗЕЛЕН Цивил: Колку е реална зелената агенда во Северна Македонија?
Серафимов: Во тематиката за животна средина не во прашање само законската регулатива туку и што се спроведува на терен. Зелената агенда не е нешто што можеме да го разгледуваме надвор од општеството. Како евалуира нашето општество, евалуира и животната средина. Ние имаме преземено активности што биле наследени како дел од СФРЈ, каде што некои проблематики не не засегаа како општество. Ние не размислувавме за рециклажа и сл. Кои некои други република, како Словенија, ги имаа како пракса со години наназад. За зелената агенда не е потребна само законска регулатива, туку голема инфраструктура. Особено во одредени делови, како што е отпадот. За да функционира потребни се санитарни депонии, воспоставување на монетарен систем каде одредени активности се наплаќаат. Нашите граѓани сега плаќаат собир на смет врз основа на површина на куќа и дворно место. Ако ова не е на основа колку килограми имате предадено на јавното претпријатие претставува проблем, бидејќи не ги стимулираме нашите граѓани да рециклираат. Од друга страна тој отпад завршува на нашите депонии, би рекол повеќе се буништа. За да не биде така потребни се санитарни депонии кои се европски основен стандард. Ако имаме депонии каде се наплаќа на тон, ние како граѓани ќе размислуваме да ја намалиме таа тонажа и вредноста на средствата кои ги плаќаме. Во моментот ние не плаќаме ништо за сметот што завршува на тие депонии и не селектираме ништо…
Зелената платформа се поклопува со приказната за Европска Унија. Ако дозволиме да бидеме надвор од ЕУ и надвор од тие трендови потребно е целиот товар да падне на сметка на граѓаните. Зелената агенда зависи од тоа дали ќе бидеме дел од ЕУ или не. Институциите, како и Министерството за животна средина имаат капацитет, но имплементацијата треба да биде предизвик. Исто така и на локално ниво без одделение за животна средина ниту една општина не може да функционира…
ЗЕЛЕН Цивил: Дали, според Вас, постои политички консензус во земјата за зелената агенда?
Серафимов: За жал, според мене не постои таков консензус. Потребно е за оваа тематика да имаме една политичка платформа, која сите ние заеднички ќе ја тераме нанапред. Не може денеска да дојдеме и да кажеме дека ова ни е приоритет, по две години доаѓа друга политичка партија и вели, не ова не ни е приоритет, друго ќе ни биде приоритет. Животната средина не е нешто што со сензации и дневни политички препукувања може да се направи нешто. Напротив, може да се направи поголема штета. Потребно е да имаме одредени документи и платформи каде што сите заеднички имаме агенда што заеднички ќе ја буткаме. Политичките партии треба да покажат колку може една од нив повеќе да направи од другата. А не она што се случуваше претходно. На пример, го имавме Националниот план за управување со отпад и сега доаѓа друга политичка партија и вели не, сега ќе правиме нов, бидејќи овој не одговора со некоја законска регулатива, напротив ние мислиме дека ова претставува проблем. И сега ние повторно правиме Национален план и губиме одредено време. Како што спомнав во Македонија во моментов немаме ниту една санитарна депонија. Прашањето за санитарна депонија се разгледува веќе повеќе од 20 години. Последните напори беа во Свети Николе за Централна и Источна Македонија. Со промената на локалната власт, новиот градоначалник вели мене не ме интересира што се случувало претходно, јас не сакам да ги признам документите каде десетина градоначалници потпишале дека ќе биде во Свети Николе, вклучувајќи го и тамошниот градоначалник. Поради тоа министерката за животна средина во овој момент им ги одзеде ингеренциите за да може да започне со санитарна депонија за која има средства обезбедени од ЕУ. Тоа е она што го зборувам дневни политички препукувања кои се на штета на сите нас. Без немање на санитарна депонија, како прво се загадува животната средина, а од друга страна не постои механизам каде ние ќе започнеме со тој собир на смет, не постои механизам каде што одредени активности ќе имаат своја вредност.
ЗЕЛЕН Цивил: Дали можеме да зборуваме за злоупотреби на зелени теми во политички цели кои се надвор од она што подразбира зелената агенда?
Серафимов: Секако. Ние не можеме да живееме од сензации, особено на овие теми. Ако одредена политичка структура има цел да обезбеди одредена сума на пари за унапредување на животната средина, другата има обврска да продолжи по тоа прашање. Обврската не е кон другата политичка партија, туку кон граѓаните, бидејќи со тоа одиме напред. За санитарните депонии можеби ќе бидат потребни и 50 милиони евра и ако нема консензус ниту ќе имаме пристап до тие фондови, а дел од нив ќе бидат повлечени. За жал, граѓаните не ги осудуваат политичарите. Никој не осудува што ние повеќе од 20 години тапкаме во место за европското прашање, ниту за стандардот таков каков што е, бидејќи сме надвор од ЕУ.
ЗЕЛЕН Цивил: Колку ваквиот однос кон зелените прашања и агенди ќе влијае врз оценката што ќе ја одбиеме од ЕУ, меѓутоа и на нашите евроинтеграции?
Серафимов: Јас не би се грижел многу за оценката, мене ме загрижува прогресот. Оценката е една работа, имавме и позитивни извештаи, па пак тапкаме во место. Прогресот, според мене, значи дека ние ќе имаме инфраструктура која ќе помогне во унапредување на животната средина. Едните се санитарните депонии, другиот е на пример, институциите да користат струја од обновливи извори на енергија или да генерираат активности за заштита на природата, поголем број на паркови. Во каква животна средина ќе живееме ќе зависи од сите нас. Ако буткаме сите кон напредокот и кон зелената агенда. Животната средина го претставува нашето опкружување и нашата иднина. Од нас зависи дали ќе работиме понатаму со ЕУ фондови или како до сега со финансиски средства кои ги одвојуваме ние како граѓани. И тука прашањето за ЕУ одредува каква ќе ни биде нашата иднина.
ЗЕЛЕН Цивил: Кои се главните перспективи на клучните зелени прашања во земјата во следните 10 години?
Серафимов: Според мене најголеми инвестиции ќе бидат кон пречистителните станици и санитарните депонии и од друга страна целата инфраструктура за собирање смет. Тука најмногу заостануваме, а финансиските средства за вакви проекти се огромни и ќе бидат потребни средства кои се достапни од ЕУ.
ЗЕЛЕН Цивил: Дали државата поседува доволно информации и системско знаење и со европска помош да се постигнат резултатите за кои зборувате?
Серафимов: Државата како механизам поседува, но потребна е политичка волја за да се спроведат и тоа да функционира. Мора да се работи не за утре, туку за иднината. Во тој контекст мораме да размислуваме малку понапред. Не да размислуваме за она што ќе се случува утре, која политичка партија ќе дојде на власт, туку каде и како нашите идни генерации ќе живеат.
ЗЕЛЕН Цивил: Колку начинот на кој што се однесуваме кон животната средина влијае на здравјето и тие идни генерации?
Серафимов: Она што е фрапантно е што во некој момент во минатото животната средина била во полоша состојба отколку што е сега. Не постоеле некои законски регулативи. Некои работи не биле сфатени, како примерот со линданот кој бил депониран на погрешен начин, дури многу подоцна некој осознал дека претставува карциногена супстанца која претставува проблем за граѓаните. Сега ние сме тие кои треба да го решиме тој проблем. Вакви проблеми не треба да оставаме на идните генерации. Ако продолжиме со ова темпо секако дека вакви случаи ќе се појават и во иднина. Со одредени загадувања на животната средина може да се случи многу генерации во иднина да не можат да се справат, со она што ние сега мора да го направиме.
Биљана Јордановска
камера и монтажа: Ариан Мехмети