Најдоцна до јануари ќе биде распишан меѓународниот тендер за избор на компанија што ќе ја гради регионалната депонија и претоварните станици за Источен и Североисточен регион кај селото Мечкуевци, Општина Свети Николе. Ова денеска го најави министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова.
Министерката информираше дека во финална фаза е подготовката на тендерската документација за проектот во вредност од околу 40 милиони евра, кои веќе се обезбедени од Европската Унија.
Инаку, досега во неколку наврати беше одложено распишувањето на тендерот за изградба на регионалната депонија, која што треба да претставува идна централна точка каде ќе се одлага, селектира и рециклира отпадот за 18-те општини од двата плански региона. Мета.мк веќе пишуваше за постојаното одлагање на овој проект.
Регионална депонија во близина на овчеполското село Мечкуевци ќе треба да опслужува околу 370.000 жители од двата региона и би имала вкупен капацитет да прими 900.000 метри кубни отпад.
Покрај современиот третман на отпадот во идната регионална депонија во Мечкуевци, којшто подразбира спречување на продорот на исцедокот од отпадот во почвата и водите, на оваа локација ќе се подигнат погони за секундарна селекција на собраниот отпад, како и на постројки за сечкање на отпадот, преработка на обоените метали и скрининг и компостирање на градинарски отпад. Ова практично значи дека Македонија за првпат би добила современа фабрика за отпад по стандардите на ЕУ, во која само одреден процент од собраниот отпад всушност ќе се депонира на локацијата.
Министерката Каја Шукова денеска појасни дека изградбата на регионалната депонија во Мечкуевци и на претоварните станици е финален чекор во воспоставувањето на регионалниот систем за управување со отпад во Источниот и Североисточниот регион.
Досега со средства обезбедени од ЕУ беше набавена нова опрема, камиони, канти и контејнери за собирање и селекција на отпад за сите 18 општини во двата плански региони. Исто така, во фаза на имплементација е и првиот тендер за затворањето на нестандардните депонии и ѓубришта во овие општини. Министерката Шукова појаснува дека се затвораат помалите депонии, а отпадот од нив се пренасочува кон поголемите општински депонии.
Во финалната фаза, отпадот од двата плански региона ќе треба да се носи во Свети Николе, каде што дел од истиот ќе биде подложен на третман, а дел ќе се одлага во идната депонија, без притоа да го загадува воздухот, почвата и водите.
извор: МЕТА