„Има позитивен тренд на циркуларната економија во нашата држава, но сѐ уште сме далеку од тоа што би го посакувале. Војните и конфликтите го намалуваат позитивниот тренд и за тие кои што се најхрабри да влезат во сегментот на циркуларната економија“, вели вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, инаку експерт за стратешко планирање и менаџирање со развојни, економски и бизнис програми, во интервјуто на ЦИВИЛ по повод Неделата на циркуларна економија на Западен Балкан 2024.
Со Битиќи разговараме за перспективите на циркуларната економија во време на војни и несигурности. Тој одговара на прашањата за важноста на регионалната соработка, актуелните трендови и можности кои ги нуди зелената економија, патот на Северна Македонија кон зелената транзиција.
Интервјуто ги опфати и прашањата поврзани со руската агресија против Украина и нејзиното влијание врз концептот на циркуларна економија кај нас, во регионот, но и пошироко.
Дел од разговорот го посветивме и на влијанието на политичките кризи во земјата и нивното влијание врз развојот на циркуларната економија.
Циркуларна економија и влијанието на војните во земјата и регионот
„Иако како земја имаме доста солидно зголемување на извозот, а тоа се заснова и на странските инвестиции и на домашните инвестиции кои се дел од ланците за снабдување на одредени сектори и одредени индустрии, со почеток на руската агресија врз Украина имаше негативни последици зашто што без прекинати доста од ланците за снабдување. Во Украина доста сериозен ланец на снабдување во автомобилскиот сектор заради војната тој е прекинат и сите поголеми играчи во автомобилскиот сектор требаше да најдат замена. Овде имаме позитивни примери каде што дел од тоа производство дојде во нашата земја, но за жал имаше негативни импликации затоа што и тие кои размислуваа евентуално инвестирање во земјата заради близината на војната сето тоа беше одложено“, изјави Битиќи одговарајќи на прашањето како конкретно влијае руската воена агресија врз можностите за развој на концептот на циркуларната економија во земјата и регионот.
Воениот конфликт имаше повеќе негативни отколку позитивни импликации, вели Битиќи, додавајќи дека во сегментот на циркуларна економија не само нашата држава туку и стопанствениците почнале да гледаат дека не е возможно да се креира независност во било кој сектор и да се профитира од тоа само како изолирана држава.
„Почна да се гледа повеќе на регионална соработка и на глобалната соработка. На пример, тогаш почнаа разговорите на регионално ниво и во ЕУ како заедно да обезбедиме енергетска независност и безбедност“, вели Битиќи.
Во однос на регионалното поврзување како што се Берлинскиот процес, Отворен Балкан или билатералните спогодби и начинот на кој тие помагаат во развојот на зелената економија, Битиќи истакна дека тие се нужни како такви, но не треба да не оптоваруваат.
„Во економијата е битно кој е резултатот на можната соработка. На пример, ако ЕУ вели дека енергетската независност и безбедност не може да се постигне само помеѓу земјите –членки на ЕУ, туку мора и земјите на Западен Балкан да се вклучат. Значи и ние мора да ја научиме лекцијата дека нема ни зелена транзиција соодветна, ниту циркуларна економија на соодветно ниво без соработка на сите земји од Западен Балкан а понатаму и со земјите членки на ЕУ. Мислам дека научена лекција од сите овие кризи е дека сме дојдени во ситуација да не зборуваме веќе за форми затоа што на народот им е преку глава од форми, туку да зборуваме што тоа ќе донесе“, истакна Битиќи.
„Морам да признам затоа што се најдовме во енергетска криза сите напори кон зелена транзиција се забрзаа. Ние имавме ситуација во која сите инвестиции во обновливите избори на енергија, особено во соларната енергија беа значително мали, скоро никакви. Ние 2023 ја заокруживме со преку 660 мегавати инсталирана електрична енергија од обновливи избори на енергија, соларни, плус ветерни паркови, што е доволно за отприлика 200.000 домаќинства да се снабдат со енергија. Трендот веќе продолжува, годинава сигурно со преку 800 мегавати без најава за поголемите инвестиции во тој сегмент. Секако тоа не е доволно затоа што ние како земја уште зависиме од енергија од фосилни горива. И овде регионалната соработка има клучна улога и како ние ќе се интегрираме во самата ЕУ. И ние мораме таа можност да ја искористиме“, потенцираше Битиќи.
„Ние како мала земја мислам дека имаме доста амбициозни цели во сегментот на декарбонизација и мислам дека како земја многу брзо ќе ги постигнеме тие цели. Но можеме да придонесеме заеднички глобално тие да се намалат. Ние не сме земја која придонесуваме значително, но кризата во Украина придонесе сите, дури и земјите-членки на ЕУ, но и другите земји заради потребата од електрична енергија, беа приморани да се вратат кон фосилните горива. Но и ЕУ и земјите надвор од ЕУ сериозно размислуваат како да се приклонат кон зелената транзиција без притоа да се направи штета. Зелената транзиција не нужно секогаш треба да биде штетна, затоа што слушам дека тоа ќе значи дека луѓето ќе останат без работа. Ние викаме дека има социјална праведна транзиција во која ќе им се овозможи на луѓето да преминат во сегментот на зелени работни места кои се иднината на глобално ниво“, вели Битиќи, посочувјаќи ја Национална развојна стратегија како најинклузивна, со вклучени 14.000 луѓе кои работеле на неа, а за која се чека новиот состав на Собрание да ја изгласа.
Политичките кризи, личната и глобалната одговорност
„Политичките кризи не носат позитивни ефекти секогаш негативни. За жал, ние сме очевидци дека секоја промена на власт треба да донесе криза . Не сме виделе во 33 години независност на Република Македонија, разумно однесување на опозиција. Никогаш. Независно кои биле. Ние не сме виделе ситуација во која опозиција и позиција седат и велат чекајте ова е битно за државата, вака треба да го направиме. Туку сме гледале однесување и на едната и на другата страна ова е битно за гласачите и ова ќе ми донесе повеќе гласачи, ајде ќе го направиме, ама со негативни ефекти. Затоа мислам дека е дојдено веќе време и разумно да се однесуваме, затоа што одговорот го добиваме од сите. Од кого? Од нашите деца. Они не нѐ чекаат нас да се вразумиме, они сами си ја бараат иднината, но надвор од државата. Разумното однесување без притоа сакајќи да креира политички кризи, само за да краткорочно добиеш власт, сметам дека треба да биде лекцијата која сите сме ја научиле, вели Битиќи зборувајќи за начинот како влијаат политичките кризи во земјата врз циркуларната економија, како во нашата, така и во други земји.
Посочувајќи ја политичката одговорност или неодговорност во контекст на последиците што произлегуваат од нив, Битиќи потенцира дека личните примери и одговорност треба да придонесат кон барањето глобална одговорност.
„Но, нашето однесување денеска придонесува кон штетните последици на глобално ниво. Мислам дека е дојдено време не да се чека да се вразумат политичарите туку граѓаните да бараат одговорност многу повеќе. Затоа мислам дека во наредниот период ќе гледаме и многу побрзи промени на власта, на политичарите, затоа што граѓаните немаат време веќе. Се додека не сфатиме дека богатството кое го имаме, а тоа се различностите во нашата земја и тоа богатство продолжуваме тоа да го отфрламе како такво секогаш кога ни се потребни гласови и се обидуваме државата да ја вратиме 20-30 години наназад да се покажеме кој е поголем од кого, ние губиме време. Тоа не е разумно однесување затоа што нема каде ова богатство да го однесеме. Ако оставиме да не го искористиме, верувајте другите попаметни ќе го искористат“, вели Фатмир Битиќи, актуелниот вицепремиер за економски прашања.
Биљана Јордановска
видео и фотографија: Ариан Мехмети